Да оставиме пример, не ѓубре, е мотото на големата еколошка акција за чистење на Скопје, што ќе се одржи утре во сите скопски општини, во организација на Град Скопје.

„Утре, 30 септември, во 10 часот ја започнуваме најмасовната еколошка акција за чистење на Скопје, со неколку илјади волонтери и со една заедничка цел – да покажеме колку можеме кога сме сплотени и кога љубовта кон својот град ја претвораме во дело! Акцијата го опфаќа целото Скопје, во секоја скопска општина! Заедничката грижа за градот ќе ја покажеме насекаде, затоа што секое маало заслужува чиста и уредена околина“, најави скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.

Ќе ни се приклучат сите општини, градоначалниците, амбасадите, ученици, јавни личности, спортисти и многу наши сограѓани – различни генерации, различни професии, но иста желба да имаме почисто, поубаво и поздраво Скопје, додаде тој.

„Ве повикувам сите што го сакате овој град да бидете дел од акцијата. Повикајте ги пријателите, соседите, колегите. Да ги засукаме ракавите и заедно да се погрижиме за улиците по кои секојдневно поминуваме, за парковите во кои растат нашите деца и за маалата што ги нарекуваме свој дом. Секој од нас сака чиста околина. Утре имаме можност со сопствен придонес да покажеме дека сме подготвени и да ја создаваме и да ја чуваме“, најави Ѓорѓиевски.

Тој најави дека ова нема да е единствена ваква акција.

„Ваквите акции ќе се одржуваат двапати месечно! Со редовно чистење, со сè поголемо учество и со заедничка посветеност, ќе ја претвориме оваа иницијатива во традиција на која Скопје ќе се гордее. Да оставиме пример што ќе се следи. Да создадеме навика што ќе трае и по завршувањето на секоја акција. Да ги научиме најмладите на одговорност преку нашите постапки, а на секој што несовесно фрла отпад да му покажеме дека зад чисто Скопје стојат илјадници луѓе што се грижат, работат и нема да се откажат од својот град“, порача градоначалникот.

Верувам во скопјани, додаде, верувам во силата на личниот пример и во солидарноста што многупати сме ја покажале.

„Само сплотени можеме да ја подигнеме свеста и да направиме грижата за јавниот простор да стане наша секојдневна навика. Утре, секоја рака е добредојдена и секој придонес е важен.
Нека оваа акција биде почеток на една убава промена што сите ќе ја гледаме, но и сите ќе ја чуваме! Да излеземе масовно за нашето Скопје! Да оставиме пример, не ѓубре“, повика градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.