Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во гостувањето во „Утринско еспресо“ на Радио Лидер истакна дека по години застој во дигитализацијата на локалните услуги, Град Скопје повторно работи на воспоставување електронски систем за поднесување и плаќање на данокот на имот, кој во иднина би можел да биде интегриран и во националната апликација за дигитални услуги.

Андоновски потсети дека пред околу десет години постоел порталот „Скопје.гов.мк“, преку кој граѓаните можеле електронски да го следат својот имот и да ги плаќаат обврските. Сепак, како што посочи, дел од дигиталните услуги што функционирале до 2017 и 2018 година со текот на времето престанале да се користат, поради што граѓаните повторно биле принудени да ги завршуваат административните обврски на шалтер.

Како пример го посочи и Катастарот, кој во минатото издавал електронски имотни листови, но потоа престанал со таа практика, враќајќи ги граѓаните на традиционалниот начин на добивање документи.

„Проблемот во Македонија е што многу од работите што функционирале до 2017-2018 година престанаа да функционираат со текот на времето. Се сеќавате дека Катастарот до тогаш издаваше електронски изводи, за потоа да престане да издава и да се вратиме повторно на шалтер“, истакна Андоновски.

Тој информираше дека со промените во Град Скопје процесот повторно се придвижува и дека веќе се работи на платформа која ќе овозможи електронско поднесување и плаќање на данокот на имот.

Според министерот, откако ќе биде завршен овој процес, интегрирањето на услугата во националната мобилна апликација ќе биде многу полесно, со што граѓаните би можеле да ја користат преку едно централно место за државни и локални услуги.

Сепак, Андоновски нагласи дека Министерството не може директно да ги наметне дигиталните решенија во општините кои немаат воспоставено соодветни системи.

„Ако која било општина нема таков систем, за нас е невозможно да влеземе со сила во општината и да ги дигитализираме процесите“, посочи министерот.

Во таа насока, тој информираше дека Министерството работи на проект со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), преку кој ќе им се помогне на заинтересираните општини да ги дигитализираат основните административни услуги.

Меѓу услугите што се планира да бидат опфатени се добивање согласност за поставување урбана опрема, поднесување барања за организирање настани, како и аплицирање за различни субвенции.

Андоновски посочи дека процесот веќе е започнат, но дека за негово целосно спроведување ќе биде потребно време, со оглед на различното ниво на дигитална подготвеност на општините.

Целта, според него, е локалните услуги постепено да се интегрираат во единствен систем, со што граѓаните ќе добијат полесен пристап до административните постапки без потреба од физичко одење во институциите.