По првиот потврден случај на Ковид-19, што кинескиот град Вухан го стави во центарот на светската јавност во декември 2019 година, истражувачите кои се обидоа да откријат како и од каде потекнува вирусот што го предизвикува потенцијално смртоносното заболување, се концентрираа на Кина.
Најблискиот познат роднина на патогенот, со идентичен геном од 96 проценти, е другата форма на коронавирусот што беше откриена на почетокот на 2020 година во јужната кинеска провинција Јунан.
Неколку неодамнешни истражувања, меѓутоа, открија неколку вируси кои се речиси слични на SARS-CoV-2 како оној од Јунан, но појужно, во Камбоџа и Тајланд, пишува Гласот на Америка.
Вирусолозите од неодамнешната мисија во Вухан, испратена од Светската здравствена организација да го испитаат потеклото на Ковид-19, исто така, веруваат дека во следната фаза на истражување, Југоисточна Азија треба да се додаде во областа на интерес.
Нивниот совет е да се следат лилјаците. Некои видови на овие летечки цицачи се добро познати резервоари на формите од семејството на коронавируси и водечки кандидати како извор на САРС-CoV-2.
Научниците веќе идентификуваа повеќе од 100 форми на коронавирус поврзани со САРС низ Кина, вели Питер Дазак, еден од вирусолозите вклучени во мисијата во Кина.
-Сепак, ние не направивме доволно истражување во Мјанмар, Лаос и Виетнам за навистина да кажеме дека нема уште повеќе во тие земји, рече Дазак за Гласот на Америка.
„Кога обележувате на картата каде живеат лилјаците кои ги пренесуваат овие вируси, тогаш почнувате да забележувате дека во оние земји на јужната кинеска граница има уште повеќе видови лилјаци, а веројатно и повеќе видови вируси. Значи, постои можност дека вирусот потекнува од „провинцијата Јунан, но мојата најдобра проценка е дека треба да ги испитаме Мјанмар, Лаос, Виетнам и уште појужно – целиот регион на Југоисточна Азија како потенцијално жариште“, рече Дазак.
Кина одби да обезбеди оригинални податоци за најраните пациенти со Ковид-19.
-Дури и без тоа, додава Дазак, кинеските научници и делегацијата на СЗО се согласија дека патот по кој САРС-КоВ-2 најверојатно стигнал до луѓето е од лилјаците преку некој вид одгледувано диво животно, кое служело како пренесувач.
На почетокот на минатата година, научници од Кина и Австралија објавија дека пронајдоа вируси повеќе од 90 проценти идентични со САРС-КоВ-2 во малајските панголини (лушпести мравојадци) – што може да биде потенцијален вектор затоа што луѓето ги ловат за нивните лушпи и месо. Овие панголини се шверцуваат во јужна Кина од Југоисточна Азија.
Неколку месеци подоцна, научниците ги открија предците на вирусот САРС-КоВ-2 во лилјаците потковичари, кои се собрани во Камбоџа и биле замрзнати повеќе од една деценија. Во нивните извештаи, тие наведоа дека откритието „сугерира дека вирусите поврзани со САРС-КоВ-2 живеат на многу поголема географска област отколку што се сметаше претходно и дека Југоисточна Азија е клучна област што треба да се разгледа при барање на потеклото на САРС-CoV -2., што се уште трае “.