Нашата улога не е само да контролираме, туку да заштитиме, да спречиме и да покажеме дека законот важи еднакво за сите. Компаниите што работат законски мора да имаат сигурност и предвидливост. Нашата улога е да обезбедиме услови во кои чесното работење е предност, а за нелојалната конкуренција нема простор. За криминалот нема да има место онаму каде што од петни жили секој ден се трудиме да градиме силна институција. Промените во системот бараат време, но и одлучност – изјави денеска директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, на настан во Филхармонијата по повод 34 години постоење на институцијата.

Николовски истакна дека денеска не се одбележува само датум, туку и професионалност, посветеност и храброст.

Царинската управа е многу повеќе од само административен механизам. Таа е клучна линија на одбрана на државата, место каде што буквално на дневна основа се носат одлуки со суштинска тежина, а зад секоја од тие одлуки стоите вие – со вашиот интегритет, дисциплина и одговорност – им рече на присутните во Филхармонијата.

Од почетокот на мандатот во јули 2024 до 31 март годинава, истакна тој, нивната работа покажала значителни резултати.

Оперативно – спречивме повеќе од над 2.700 обиди за нелегални дејства, со што ја зачувавме сигурноста на државата. Ги зајакнавме истражните капацитети и во континуитет од месец на месец, од година на година, бележиме историски резултати. Во втората половина од 2024 година поднесовме 70 кривични пријави, што претставува речиси 80 проценти од вкупно поднесените пријави оваа година. Со засилен интензитет продолживме и во 2025 година и поднесовме 213 кривични пријави, за петпати повеќе во споредба со годишниот просек од 2017 до 2023 година. Со иста енергија продолжуваме и годинава, при што во првото тримесечје поднесовме 49 кривични пријави до јавните обвинителства. Вкупно од почетокот на мандатот поднесовме 332 кривични пријави против 761 физичко и 254 правни лица ветувајќи уште пожестока борба со криминалот – истакна Николовски.

Финансиски, како што истакна тој, континуирано ги зголемувале приходите на државата и го зајакнувале економскиот систем.

Во втората половина од 2024 година наплативме за 64,6 милиони евра повеќе приходи во споредба со истиот период во 2023. Во 2025 година, во споредба со 2024, остваривме поголема наплата за 105 милиони евра, а овој тренд продолжи и годинава, при што во првото тримесечје имаме зголемување на наплатата на приходи за 23,7 милиони евра во однос на истиот период лани. Ова се плус финансиски средства за нови автопатишта, нови болници, нови модерни училишта. Ова се средства што, наместо да завршат нелегално во нечиј џеб, се слеани во буџетот за градење на иднината – дециден беше Николовски.

Реформски – со средства од буџетот на државата, грант-средства од ЕУ и Република Кореја, како и финансиски средства од Светската банка, нагласи Николовски, реализирале проекти со вкупна вредност од 30 милиони евра, што, како што истакна, ќе овозможат зголемена конкурентност на македонската економија и забрзана интеграција во единствениот пазар на ЕУ.

Овие бројки се доказ дека нашата посветеност и стручност носат конкретни резултати – Резултати кои се лесно видливи и мерливи. За секој кој сака да ги види. За оние кои не сакаат од најразлични причини, сонце да сме па нема да можеме да ги огрееме затоа што чадор ќе извадат – додаде директорот на Царинската управа.

Тој рече дека не апелира, туку ветува оти за криминалот нема да има место таму каде што од петни жили секој ден се трудат да се гради силна институција. Промените во системот бараат време, додаде тој, но и одлучност.

Во секој амбар сигурно има по некое неквалитетно зрно, но, ќе го истребиме. Нашата улога не е само да контролираме, туку да заштитиме, да спречиме и да покажеме дека законот важи подеднакво за сите. Компаниите што работат законски мора да имаат сигурност и предвидливост. Нашата улога е да обезбедиме услови во кои чесното работење е предност, а за нелојалната конкуренција, нема простор. Така се создава здрава економија и се отвораат нови бизнис можности. Тоа е нашата одговорност. Но, не само наша. Тоа е и одговорност на секој поединечен учесник во секоја поединечна царинска постапка. Транспортер, увозник, царински застапник, патник… И за секој од нив ќе важи погоре кажаното затоа што носат одговорност и имаат обврска да се однесуваат законски, а не селективно и според лични моментални потреби и убедувања. Само според законот. И само тогаш ќе можеме да зборуваме за систем. Се друго ќе биде само импровизација – додаде Николовски.

Ние како Управа, истакна тој, треба да се стремиме да го достигнеме стадиумот кога не реагираме на веќе настанати проблеми и искушенија, туку истите ги предвидуваме и анулираме пред да се случат.

Во минатото големите риби ги јадеа малите. Тоа време заврши. Потоа дојде време кога побрзите риби ги јадеа побавните. Но и тоа време заврши. Денес, животни победници не се оние кои имаат, туку оние кои можат повеќе. Дојде време кога треба да се натпреваруваме самите со себе, кога ќе треба да го дадеме максимумот и да вложиме дополнителни сили и нова енергија. Простор за неми посматрачи нема да има, бидејќи ќе мериме колку се вложува во работата. Денес и во иднина ќе победуваат само тие што допрва можат повеќе, а за такви се сметаме. Ние можеме и допрва ќе можеме. Правиме разлика – подвлече тој.

Николовски истакна дека во таа мисија не се сами и изрази посебна благодарност до Владата и до претседателот на Владата проф. д-р Христијан Мицкоски за континуираната поддршка и за довербата, до Амбасадата на САД и на Обединетото Кралство, до Делегацијата на Европска Унија, до Мисијата на ОБСЕ во Скопје, како и до сите комори, асоцијации и бизнис заедницата за нивната поддршка, партнерство и доверба во процесите што ги развиваме.

Вашата поддршка и соработка се значаен дел од нашите резултати – порача Николовски.

По повод чествувањето на Денот на Царинската управа, тој упати посебен поздрав и благодарност до колегите – сите царински службеници, инспектори, административни и оперативни тимови, но и оние коишто се веќе пензионирани, подвлекувајќи дека со нив секојдневно го градат, вели, интегритетот на институцијата, а со тоа и довербата на граѓаните во државата и безбедноста на нашите граници,.

И на крај, да се обратам директно кон вас, драги колеги. За вашата дисциплина, истрајност и храброст – секојдневно да стоите на страната на правото. Служете и на Македонија. Ние сме на многу чувствителна и одговорна позиција од секој аспект во државниот апарат. Затоа, од вашиот карактер, однесувањето и професионалноста на работното место зависи степенот на довербата на граѓаните во институцијата и во државата. И нека биде јасно – таму каде што ние стоиме, за законот не се преговара, криминалот не поминува, а државата не отстапува – нагласи Николовски.

Свои обраќања на денешниот настан во Филхармонија имаа и премиерот Христијан Мицкоски и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.