Англија денеска објави рекордно висок дневен број случаи на ковид -19, вкупно 162.572, за разлика од 160.276 вчера, покажале официјалните податоци.

Дневното ажурирање, исто така, покажало 154 нови смртни случаи од вирусот во Англија во рок од 28 дена од позитивниот тест, што е намалување од 178 вчера.

Податоците вообичаено ги вклучуваат и Шкотска, Велс и Северна Ирска, но не и денеска поради разликите во распоредот за известување за време на новогодишниот викенд.

Дневниот број на потврдени инфекции низ Обединетото Кралство постојано соборува рекорди во декември бидејќи варијантата омикрон брзо се шири. Сепак, хоспитализирањата и смртните случаи останаа на пониски нивоа отколку за време на претходните бранови.

Шкотска, Велс и Северна Ирска воведоа ограничувања како што се затворање на ноќните клубови, правила за социјално дистанцирање во пабовите и ограничувања на бројот на луѓе на кои им е дозволено да се соберат.

Но, Англија, која сочинува повеќе од 80% од населението во Британија, не донесе никакви ограничувања. Секретарот за здравство Саџид Џавид рече дека какви било нови ограничувања ќе бидат воведени само како „апсолутно последна опција“, објави Ројтерс.