Обезбедени се две нови возила за јавен превоз во Кавадарци. Градоначалникот Митко Јанчев информираше дека се работи за еден автобус со 31 седиште и комби со 7+1 седишта. Тој рече дека со ова се заокружува процесот и е комплетиран возниот парк на Јавното претпријатие за превоз.

– Ќе се користат за превоз на училишни деца, како и за деца со попреченост. Сакам да нагласам дека сите пари што претпријатието ќе ги заштеди со домаќинско работење, добивката, ќе биде во интерес на сите, да се има што пониски цени за превоз. Сегашните цени од 45 денари за билет се симболични во овие услови, нагласи Јанчев, повикувајќи да се користи јавниот превоз кој е навремен, квалитетен и безбеден, а придонесува и за екологијата.

Градоначалникот додаде дека јавниот превоз сега располага со 14 возила. Набавката на новите возила чини осум милиони денари.

Јанчев сподели дека ќе предложи пензионерите да бидат ослободени од плаќање на јавен превоз.