Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини денеска ќе одржи прес-конференција во Медија центарот на Владата, по повод донесувањето на Законот за прогласување на дел од Шар Планина за заштитено подрачје во категорија II, Национален парк.

Основната цел на законското решение е обезбедување на заштита на исклучителните природни убавини и вредности, разновидноста и богатството на биодиверзитетот, геодиверзитетот, хидролошките карактеристики, пејзажните, пределните и други вредности, како добра од јавен интерес.

– Зачувување на автентичната состојба на природата преку заштита на природните вредности, создавање поповолни услови за одржување, развој и унапредување на природните вредности, спречување на дејствија со кои посредно или непосредно може да се промени состојбата на природните вредности, одржување и управување на националниот парк, со цел заштита на природата преку заштита на биолошката и пределската разновидност и природното наследство и регулирање на односот на човекот кон природата, заради зачувување на автентичната состојба на националниот парк, се конкретните цели на законот.

Со законот се поставува основата за зачувување, унапредување и одржливо користење на природните богатства за научно истражувачка, културна, воспитно-образовна, туристичко-рекреативна и друга намена.

Откако Шар Планина беше прогласена за НП Нуредини изјави дека со донесувањето на законот се отвораат нови можности.

– И што е најважно, очекувам дека со со овој чекор отвараме една нова страница и нови можности, не само за заштита на нашето природно наследство, туку и за одржлив социо-економски развој на подрачјето и на државата, за воспоставување на поширока прекугранична соработка, за користење на нови финансиски можности и за развој на локални брендови и разни форми на туризам и зајакнување на продажната моќ. Им честитам на граѓаните за овој историски успех. Ова е голем чекор со кој обезбедивме големи придобивки за сите нас, но и за генерациите што доаѓаат, посочи тогаш министерот.