Пиперката ајварка од утре ќе се откупува по повисоки цени, откако на денешната средба во Струмица е постигнат договор меѓу производителите, откупувачите и преработувачите. Според договореното, првата класа ќе се откупува за 40 денари за килограм, прва/втора класа и пиперката наменета за индустриски капацитети ќе се плаќа 30 денари, додека за шкартот е договорена цена од 15 денари за килограм.

Информацијата ја соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски по средбата со производителите, откупувачите и преработувачите во Струмица. Договорот следува по протестите на производителите на ајварка од струмичкиот регион, кои во изминатите денови реагираа на ниската откупна цена од 25 денари за килограм за прва класа.

Серафимовски посочи дека новите цени се договорени заеднички и апелираше до преработувачите и откупувачите доследно да ја почитуваат договорената класификација на пиперката.

„Апелирам до преработувачите во наредниот период да се придржуваат на обврските од нивна страна за вистинско класифицирање на пиперката, а од страна на откупувачите да се добива точната информација за квалитетот на пиперката“, рече министерот.

Тој упати апел и до земјоделците родот да го предаваат во откупните центри според утврдените класификации, со цел да ја добијат соодветната цена за квалитетот на производот.

„Земјоделците заслужуваат својот труд кој го имаат вложено да им биде евалуиран и истиот да го наплатат по завршувањето на бербата, односно по завршување на сезоната и не само за пиперката туку и за сите останати култури“, посочи Серафимовски.

Министерот најави дека проблемите со откупот и класификацијата на земјоделските производи треба да се решаваат системски, наместо да се повторуваат секоја сезона.

Според него, од октомври ќе продолжат разговорите со сите засегнати страни, при што ќе се разгледуваат можни измени во законите и подзаконските акти.

На маса, како што најави, ќе бидат и прашањата за утврдување јасна методологија за класификација на пиперката, роковите за исплата на предадениот род во откупните центри и преработувачките капацитети, како и други мерки што треба да им обезбедат поголема сигурност на земјоделците во производството.