Главна тема на министерскиот состанок, како што велат од МНР, била агендата НАТО 2030, односно заокружување на преговорите поврзани со решенијата што треба да бидат усвоени на наредниот Самит за идното адаптирање на Алијансата кон новото стратешко опкружување, а со порака дека Алијансата е обединета во светло на растечките предизвици на денешницата и геополитичко ривалство, како и дека колективната одбрана останува врвен приоритет.
Во своето обраќање, министерот Османи се осврнал и на потребата од засилена соработка на НАТО и ЕУ во насока на градење на регионот на Западен Балкан отпорен на безбедносните закани и надворешни влијанија, што, како што кажал, е особено значајно во контекст на гарантирање на неповратниот карактер на европските и евроатлантските процеси.
Министерскиот состанок на Северно-Атланскиот Совет на НАТО се одржа во пресрет на НАТО Самитот закажан за 14 јуни во Брисел, што ќе претставува прво наше учество на лидерски состанок на Алијансата во својство на полноправна земја членка.