Советот на Општина Тетово, денеска донесе и конечна одлука за суспензија на детален урбанистички план (ДУП) за урбан блок 57А откако за ова поведе иницијатива на последната седница во 2021 година.

Овој ДУП беше донесен во време на претходната градоначалничка, на местото на Шумарско-индустрискиот комбинат (ШИК) „Јелак“ каде се предвидени да се градат десетици згради за домување и трговски центри.

За одлуката да се донесе суспензија на овој ДУП гласаа 16 советници, додека 12 беа воздржани а немаше никој против. На гласањето му претходеше и едночасовна дебата меѓу советниците.

Советниците од редовите на ДУИ реагираа на предлог точката на дневен ред, образложувајќи дека Министерството за транспорт и врски дало мислење во кое наведува дека нема повреда на законските одредби при усвојувањето на конкретниот урбанистички план.

-Согласно одлуката за суспензија беше донесена и одлука за отпочнување на постапка за изменување и дополнување на ДУП за урабниот блок 57А. Сега следи ревидирање на процесот. Со оваа одлука Тетово се спасува од задушување на згради без критериуми, без паркови и зеленило, изјави градоначалникот Биљал Касами.

За потсетување, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски уште во 2020 година го објави овој скандал во режија на СДСМ и ДУИ.

– Крими коалицијата СДСМ/ДУИ донесе ДУП од 200 милиони евра за офшор фирма од Панама, сопственост на контроверзен бизнисмен. Помина едена недела откако објавив за усвојувањето на ДУП за „ШИК Јелак” во Тетово со кој се предвидува урбана џунгла во градот со нови 2.000 станови за 8.000 жители и огромни деловни комплекси со вкупна заработка за инвеститорот од 200 милиони евра, истакна Николоски.