Општина Илинден се наоѓа во процес на подготовка на општинскиот Буџет за 2027 година, со цел да се обезбеди поголемо учество на локалното население. Во периодот од 9 до 25 ноември жителите имаа можност преку пополнување анкетен прашалник да ги достават своите идеи, предлози и иницијативи и активно да учествуваат во буџетското планирање.
Како продолжение на овој консултативен процес, Општина Илинден упатува јавен повик до сите граѓани, претставници на граѓански здруженија и правни лица да учествуваат на отворен ден. Настанот ќе се одржи на 28 ноември 2026 година во сабота, во временски период од 10:00 до 14:00 часот, во просториите на Општина Илинден.
За време на отворениот ден, преку директна комуникација со градоначалникот и претставниците на општинската администрација, граѓаните ќе имаат можност да ги изнесат своите потреби, предлози и приоритети и непосредно да учествуваат во креирањето на Буџетот за наредната година.
Од локалната самоуправа ги повикуваат сите граѓани активно да се вклучат во овој процес и со своите конкретни предлози да придонесат кон подобрување на квалитетот на локалните услуги, унапредување на секојдневните услови за живот и понатамошен севкупен развој на општината.
