Трите пациенти повеќе од еден час разговараа со два обвинители кои ја водат предистрагата за случајот, во кој, според медиумите, се краделе терапии за болни од рак и се продавале на црниот пазар, а на дел од пациентите наместо вистински лекарства им се давал и физиолошки раствор. Апелираа до сите кои имаат какви било информации за неправди, небулози, затајувања, сомнежи за погрешно терапирање и лекување да го контактираат Обвинителството и инсистираат случајот да биде разрешен во најбрз можен

Три пациенти од Клиниката за онкологија денеска беа примени во Јавното обвинителство, откако три дена стоеја пред зградата на Oбвинителството, барајќи одговори за скандалот во Клиниката што го открија медиумите и за кој е отворена предистражна постапка. Тие повеќе од еден час разговараа со два обвинители кои ја водат предистрагата за случајот, во кој, според медиумите, се краделе терапии за болни од рак и се продавале на црниот пазар, а на дел од пациентите наместо вистински лекарства им се давал и физиолошки раствор.

Како што истакнаа по излегувањето од Обвинителството, она што им било пренесено е дека постапката е отпочната и дека поради обемот на материјалот што се анализира на неа работат двајца обвинители.

„Нè осигураа дека доколку текот на истрагата побара и трет обвинител, тој ќе биде повикан и ќе биде дел од оваа истрага, се со цел да може да се покријат што е можно повеќе истории“, ја пренесува МИА ијзвата на пациентката Ана Маријановиќ.

Таа додаде дека на средбата посочиле неколку сознанија поврзани со случајот добиени од пациенти на Онкологија и апелираше до сите кои се соочуваат со ваков проблем да истапат напред со цел да му се помогне на Обвинителството истрагата да се движи во вистинска насока. Маријавновиќ, во врска со истрагата, рече дека таа се базира на она што беше објавено од новинарка како нејзина истрага и дека не знаат до каде е истрагата на Обвинителството и што тие имаат како дополнителни информации.

„Она што е наше овде да го кажеме е дека има луѓе кои и досега, и после она што е дел од истрагата се јавиле да си го кажат своето. Нашата идеја е да повикаме уште повеќе. Колку сме помасовни во изјавите, во проблемите, толку оваа работа повеќе ќе се разреши“, рече таа.

Вања Мицевска, исто така пациентка на Онкологија рече дека ова им била прва средба со Обвинителството и оти ќе продолжат да доаѓаат на повик на обвинителите, со единствена цел да има подобри здравствени услуги за сите пациенти. Анжелика Колева, говорејќи во името на пациентите на Клиниката за онкологија, истакна дека нивните барања се најпрво одговорност и вистина за целиот случај.

„Да се направат детални испитувања и длабински да се ‘прочешлаат’ историите, број на истории кои се ‘чешлаат’, листа на лекови, дали станува збор за венска или таблетарна терапија, колку години наназад се случува ова, имаме барање по случаен избор да се одберат онколошки пациенти кои ќе имаат континуиран увид на истрагата и од истрагата ќе сведочат за веродостојноста“, рече Колева.

Тие апелираат до сите кои имаат какви било информации за неправди, небулози, затајувања, сомнежи за погрешно терапирање и лекување да го контактираат Обвинителството и инсистираат случајот да биде разрешен во најбрз можен рок поради итноста на болеста и терапијата.

По речиси една недела откако обвинителството и полицијата извршија претрес на Клиниката за онколгија и запленија компјутери и документација, засега од истражните органи нема никакви информации за тоа кој, како и кога манипулирал со терапијата на болните на Клиниката и потоа ја препродавал на црниот пазар.

Вчера министерот за здравство Фатмир Меџити ги убедуваше пациентите во Клиниката за онкологија дека терапијата што се издава е квалтетна и побара од нив да им веруваат на лекарите од Онкологија.