„Хрватска силно ја поддржува пријателска Македонија. Знаете дека сме една од земјите која најмногу се залагаше за европски пат на Македонија. Сметаме дека она што се случи во последните 20 и нешто години е неправедно, дека бевте ставени на чекање поради билатерални причини, не поради причини поврзани со неисполнување на критериуми“, истакна хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ во интервју за Македонската радио телевизија.

„И затоа сите наши заложувања, сите наши настапи, сите наши политички интервенции секогаш за тоа да се поддржи вашиот европски пат. И веруваме дека откако ќе помине овој изборен циклус, вие сега имате и претседателски и парламентарни избори, дека после тоа ќе се консолидира и мнозинство кое ќе може да донесе одлуки со реформски карактер и ќе овозможи отворање на преговори“, рече хрватскиот премиер.

Пленковиќ додаде дека отворање на преговори со ЕУ е најдобрата желба што ја има Хрватска за Македонија.

„Ние го следевме целиот тој процес во 2019 кога е постигнат договор со Грција. Нашиот став беше дека треба да се биде внимателен дали со тоа што е постигнат договор со Грција се решени сите теми на отворените прашања со некои други земји. Се покажа дека таа наша внимателност беше оправдана, затоа што поминаа пет години, а не почнавме формално преговори“, заклучи Пленковиќ.

Хрватскиот премиер посочи дека билатералните прашања во преговарачки процес не се фер.

Во текот на интервјуто, Пленковиќ укажа дека со членството во ЕУ, Хрватска со просечна развиеност од 62% порасна на 75%. Хрватска искористи големи средства од првата финансиска перспектива, сега од втората имаа уште 10,5 милијарди евра од инструментот „ЕУ за идните генерации“.

„Јас целата моја кариера и професионална и политичка го застапував тој пат и мислам дека тој на Хрватска и на хрватските граѓани им донесе добро и дека нашиот модел и нашето искуство треба да го поделиме и што подобро да се искористи во примерите на нам блиските и пријателски соседни земји како што е Македонија. Тоа меѓу другото беше и тема на разговор на средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, господинот Мицкоски, со кого долги години се познаваме. И важно е дека и тој ја потврди силната проевропска насоченост и негова и на партијата во контекст на важните европски предизвици кои се пред земјата“, рече Пленковиќ.