Германија излезе од рецесија

Германската економија порасна за 0,2 проценти во 2025 година, со што заврши двегодишниот период на благ пад на економската активност, покажуваат прелиминарните пресметки на заводот за статистика Дестатис.

Растот е резултат на зголемената потрошувачка на домаќинствата и државата, по две последователни години на економско опаѓање. Во 2024 година, бруто-домашниот производ се намали за 0,5 проценти, додека во 2023 година падот изнесуваше 0,9 проценти, според податоците на Дестатис.

„По две години рецесија, германската економија порасна малку, првенствено благодарение на зголемената потрошувачка од страна на домаќинствата и државата“, изјави раководителката на Дестатис, Рут Бранд, на прес-конференција.

Потрошувачката на домаќинствата се зголеми за 1,4 проценти, додека државната потрошувачка порасна за 1,5 проценти. Домаќинствата потрошиле дури 3,8 проценти повеќе средства за здравство.

Истовремено, инвестициите на компаниите се намалиле за 0,5 проценти.

Извозот од Германија во 2025 година се стабилизирал и речиси стагнирал. Во 2024 година, извозот се намали за 2,1 процент, а во 2023 година за 1,4 проценти, покажуваат податоците на Дестатис.

Германија излезе од рецесија