Дан: „Ова е победа на заедницата која копнее по длабоки промени“
Проевропскиот градоначалник на Букурешт, Никушор Дан, извојува победа на вториот круг од претседателските избори во Романија, освојувајќи речиси 54 проценти од гласовите. Неговиот ривал, ултрадесничарот Ѓорѓе Симион, освои околу 46 проценти и по пребројувањето на поголемиот дел од гласовите го призна поразот.
„Ова е победа на илјадници луѓе кои веруваат дека Романија може да се движи во вистинска насока“, изјави Дан пред насобраните поддржувачи кои скандираа „Европа“ и „Русија, Романија не ви припаѓа вам“.
Тој ја опиша победата како триумф на „заедницата Романци кои копнеат по длабоки промени“ и најави обновување на земјата од следниот ден.
Првично, и двајцата кандидати прогласија победа. Симион, лидер на деснорадикалната партија АУР, се обрати пред Парламентот прогласувајќи се за „нов претседател на Романија“ и тврдејќи дека имало изборна измама. Но, подоцна во видео објава на Фејсбук, 38-годишниот политичар му честиташе на Дан, прифаќајќи ја изборната волја на народот.
Растечка излезност и геополитички импликации
Синоќешниот втор круг избори во Романија имаше висок одзив кај гласачиет. Излезноста изнесуваше 65 проценти – значително повеќе од 53 проценти во првиот круг одржан пред две недели. Овој резултат се смета за одлучувачки момент за иднината на Романија, членка на ЕУ и НАТО. Таа има стратешка улога поради своето географско позиционирање на границата со Украина.
Претседателот во Романија има важни овластувања – од именување на високи функционери до учество на самитите на ЕУ и НАТО. Победата на проевропски ориентираниот Дан се гледа како сигнал за продолжување на прозападниот курс на земјата, особено во време на тензии на источното крило на Европа.
Во првиот круг, Дан освои само 21 процент од гласовите, додека Симион водеше со речиси 41 процент. Сепак, мобилизацијата на проевропските гласачи и зголемената излезност го променија исходот во вториот круг.
Претходно, во Романија имаше големи политички турбуленции.
Политички пресврт во Романија: Претседателот Клаус Јоханис поднесе оставка
Романија гласаше проевропски. Во оваа политичка битка, транспарентноста и интегритетот ќе бидат клучни за враќање на довербата во институциите.
Извор: Дојче Веле