Македонија го загуби еден од најзначајните современи уметници

На 91 година, во родното Скопје, почина Родољуб Анастасов, сликарот кој го разви енформелот во македонската уметност и своето целосно творештво го донираше на Македонија. Пред 15 години, тој подари 389 дела создадени во периодот од 1957 до 2010 година, кои денес се изложени во галеријата „Јустина и Родољуб Анастасов“ во Музејот на град Скопје. Анастасов ќе биде погребан на 6 април на Градските гробишта Бутел, со почеток од 10 часот.

Животот и уметничкиот пат

Родољуб Анастасов се роди во Скопје во 1935 година во семејство со длабоки трговски корени. Татко му, Славко, бил од познатата скопска фамилија Анастасови-Кучуќ, додека дедо му Петре Кучуќ материјално го поддржувал делувањето на гемиџиите во Солун. Мајка му, Ефтимија Серафимова, исто така потекнувала од трговска фамилија. „Дарбата за уметност ја добил од татка си, а чувствителноста од мајка си. Неговите браќа Петар и Димитар исто така покажувале интерес за уметност“, стои во неговата биографија.

Во окупирано Скопје започнал основно училиште на бугарски јазик, а по почетокот на војната продолжил образование на македонски јазик во ОУ „Гоце Делчев“. Подоцна учел во класична гимназија, а по завршување на полуматурата, продолжил во „Художественото школо“ во Скопје во класата на Лазар Личеноски. Предметот акт го изучувал кај Димитар Пандилов, а дипломирал во Училиштето за применета уметност, нарекувано „Мала академија“.

Од 1955 година бил вонреден студент на Вишата педагошка школа во Скопје, ликовен отсек, каде предавал Васил Коџоман. Се вработил како графички дизајнер во претпријатието „Декор биро“ во Скопје.

Студии, судски прогон и кариера

Од 1958 до 1962 година студирал на Академијата за ликовна уметност во Белград. Во 1963 година бил уапсен во Марибор за „вербален деликт“ и осуден од судот во Загреб за навреда на маршалот Тито и раководството на комунистичката партија. Следувало две години лишување од слобода на Голи Оток, поради несогласувањето со ставовите на Тито за апстрактната уметност.

Првата самостојна изложба ја организирал во „Работнички дом“ во Скопје во 1966 година. Во 1967 година бил повикан на воена служба во Нови Сад, а во 1968 година се оженил со Јустина, која станала негов најголем поддржувач. Истата година започнал како хонорарен, а подоцна редовен професор во училиштето за применета уметност „Лазар Личеноски“ во Скопје, каде предавал текстил и сликарство.