– Верувам дека тековните напори за прекин на огнот ќе вродат со плод (…). Очекувам заеднички договор за прекин на огнот да биде постигнат во рок од еден ден или два, изјави политичкиот претставник на Хамас, Абу Марзук, за либанската ТВ ал-Мајадин.
Белата куќа вчера соопшти дека американскиот претседател Џо Бајден го замолил израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху веднаш да ги деескалира тензиите во конфликтот со Газа, со интенција да се оди кон прекин на огнот.
Египетски безбедносен извор за британските медиуми изјави дека завојуваните страни, со помош на медијатори, принципиелно веќе се согласиле за прекин на огнот, но дека деталите се уште се водат во тајност, а катарската телевизија Ал Џазира објави дека мировниот пратеник на ОН за Блискиот Исток, Тор Венесленд, во Катар се состанал со лидерот на Хамас, Исмаил Хание.
Меѓутоа, од друга страна, утринава борбите влегоа во 11-от ден, откако Израел по полноќ извршил повеќе од десетина воздушни напади врз Газа, додека Палестинците истрелале повеќе ракети кон Израел.
Во израелски напад врз градот Кан Јунис, во јужна Газа, се поврдени четири лица, јавија локалните здравствени служби.
Израелската војска соопшти дека нејзините авиони рано утринава погодиле складиште за оружје во Газа кое се наоѓало во домот на официјален претставник на Хамас, како и „воена инфраструктура сместена во резиденциите“ на други команданти на Хамас, вклучувајќи го и Кан Јунис.
Британските медиуми јавуваат дека сирените за ракетни напади рано утринава се огласиле во јужниот израелски град Бершеба и во областите што граничат со Газа, но засега нема извештаи за жртви или штети.
Од 10 мај и почетокот на конфликтот, палестинските здравствени служби пријавија 228 смртни случаи во израелските бомбардирања врз Појасот Газа, додека израелските власти соопштија за 12 убиени лица во ракетните напад на Хамас.