Македонија доби „осумка“, но без поместување кон Унијата
И покрај промената на името пред шест години, Брисел сè уште не ја отвора вратата за Македонија. Според влијателниот портал „Политико“, земјава останува заглавена на европскиот пат поради историските и јазичните спорови со Бугарија, иако покажала напредок во економијата и усогласувањето со надворешната политика на ЕУ.
Во анализата пред денешното објавување на извештаите за напредокот, „Политико“ оценува дека „бројчаникот не се поместил многу од минатата година“, и дека Македонија добила симболична „факултетска осумка“ за своите реформи.
„Политико“ ги рангира кандидатите – Црна Гора најнапред, Србија и БиХ заглавени
Во неформалната скала што ја пренесува порталот, Црна Гора добила „десетка“, Албанија „десет минус“, Молдавија „девет плус“, а Украина „солидна деветка“.
На дното на табелата се Србија и Босна и Херцеговина со „седумки“, кои, според анализата, останале заробени во внатрешни политички кризи.
Грузија се оценува како земја во „демократски пад“, со „петка“, додека Турција „целосно го отфрлила испитот“ поради назадување во владеењето на правото и кршење на човековите права.
Милатовиќ: Време е ЕУ да испрати јасен политички сигнал
Во текстот „Политико“ ја пренесува и изјавата на црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, кој тврди дека извештајот потврдува дека неговата земја е најнапредна на европскиот пат.
„Верувам дека дојде време ЕУ да ја усогласи нашата амбиција со јасен политички сигнал – да започне со изготвување на Договорот за пристапување. Тоа би било признание за нашиот напредок и стратешка инвестиција“, изјави Милатовиќ.
