Општина Ѓорче Петров ќе додели 300.000 денари солидарна помош за санирање на последиците од земјотресите што ги погодија Република Турција и Сирија.
Оваа одлука беше донесена на денешната вонредна седница на Советот на општина Ѓорче Петров на која единствена точка на дневен ред беше финансиската помош. Средствата ќе се спроведат преку Црвениот крст, односно преку посебен Фонд за солидарност.
Иницијативата на градоначалникот Александар Стојкоски веднаш беше прифатена од страна на претседателот на Советот, Ленче Нелоска и едногласно изгласана од советниците.
На седницата и претходеше едноминутно молчење во знак на почит кон загинатите.
Градоначалникот Стојкоски, советниците и администрацијата уште еднаш изразуваат жалење за загубата на човечките животи во оваа природна непогода со големи размери.