Продолжена важноста на мерките за заштита на животниот стандард

Граѓаните и во наредниот период ќе точат гориво по пониски цени, откако Владата донесе одлука да ги продолжи мерките за намалени акцизи и ДДВ за бензините.

Одлуката била донесена на вчерашната вонредна владина седница, а мерките ќе важат до 1 јуни 2026 година.

Информацијата преку објава на Фејсбук ја соопшти министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска.

Таа наведе дека продолжувањето на мерките е одговор на економските предизвици и нестабилноста на меѓународните пазари на енергенси.

Продолжува примената на намалените акцизи и ДДВ

„Мерките насочени кон ублажување на ценовните притисоци и заштита на животниот стандард на граѓаните продолжуваат со примена до 1 јуни 2026 година. Овие мерки претставуваат адекватен одговор на економските предизвици и неизвесностите со кои се соочуваат сите држави на меѓународните пазари на енергенси“, напиша Димитриеска Кочоска на Фејсбук.

Претходната владина одлука за намалување на акцизите на горивата и намалување на ДДВ за бензините од 18 на 10 проценти истекуваше на 18 мај.

Со новата одлука, мерките остануваат во сила и во следните две недели.