Се санираат штетите во селата Буковиќ и Семениште
Во тек се активности за санирање на штетите кај поплавените домови во селата Буковиќ и Семениште, во општина Сарај. По обилните врнежи од дожд, надлежните служби се мобилизирани со цел справување со последиците и нормализирање на состојбата на терен.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека екипи од Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје и Тетово вршат испумпување на водата од зафатените објекти, како и расчистување на критичните точки. Истовремено, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје работи на стабилизација и прочистување на канализациската мрежа, со цел да се спречат нови излевања, додека Дирекцијата за заштита и спасување врши проценка на штетата и обезбедува логистичка и техничка поддршка во координација со локалните структури.
Високи претставници на терен
Директорот на ЦУК, Мухамед Али, заедно со градоначалникот на Општина Сарај, Мухамед Елмази, првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали и министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа, се на терен каде непосредно ја следат состојбата и ја координираат институционалната реакција по обилните дождови.
Од ЦУК посочуваат дека со координирано дејствување на сите институции се преземаат интензивни мерки за што побрзо санирање на последиците, заштита на населението и намалување на материјалната штета. Надлежните служби ќе останат на терен сè додека состојбата целосно не се стабилизира.
Поплави и во други делови од земјата
Претходно, од ЦУК соопштија дека по врнежите во изминатото деноноќие поплавени се повеќе куќи на улицата „Прилепска“ во Кичево, од каде биле евакуирани 180 лица. Во гостиварското село Балиндол, пак, во поплавен објект биле заглавени две деца и нивната мајка.
Поплавени се и објекти на болницата во Кичево, како и куќи во гостиварските населби Циглана и Бањечница, додека во Скопско вода навлегла во подрумски простории и дворови.
