Целото соопштение го пренесуваме во продолжение:

Минатата година, за време на пандемија и тешка економска криза, ја одбележаа два екстремни настани во банкарскиот сектор. Едниот, погубен за 3.000 ограбени семејства беше затворањето на Еуростандард банка, настан којшто се случи како резултат на повеќегодишен толериран масовен грабеж на депозити од банката. Другиот настан е одбележувањето на профитабилноста на македонските банки која во 2020 година достигна вредност од 7,25 милијарди денари или приближно 118 милиони евра според податоците од Народна банка. За споредба со претходната 2019 година, кога ја немавме пандемијата и економската криза која таа ја донесе, банките остварија профит помал за околу 10 милини евра од тој во 2020 година, и покрај мораториумот односно шестмесечното одложување на кредитните обврски на граѓаните и фирмите минатата година.

Како е тоа можно и од каде доаѓаат овие фантастични резултати за банките? Комоцијата во банкарскиот сектор како монопол е голема. Заработката на банките односно маргината се гледа преку разликата на каматните стапки на кредити (продажна цена на парите) и депозити (набавна цена на парите). Како во никој друг бизнис, таа заработка на банките во Македонија е енормна, односно од 300 до 500 отсто заработка во однос на набавната цена на парите. Во Европската унија, пак, каде просечниот бруто домашен производ на сите земји членки во 2020 година бил околу 30 000 евра по глава на жител, истата година во време на пандемија просечната маргина на банките по земја се движела од 0,8 отсто (во Данска) до 3,3 отсто (во Унгарија), додека просекот на маргината на банките во Европската унија во 2020 година бил 1,3 отсто.

Според јавно достапните податоци од Народна банка, просечната маргина на македонските банки во 2020 година изнесувала околу 3,7 отсто, што е за неполни три пати поголема од таа на Европската унија. Истовремено, во истата година Македонија бележи бруто домашен производ од околу 5000 евра по глава на жител, што е шестпати помал од просекот во Европската унија, кон која тежнееме да станеме членка.

Каков заклучок носат овие податоци? Не само што сме една од најсиромашните земји на Европскиот континент, туку и македонските банки остваруваат фантастично енормни профити на грбот на овој сиромашен народ. И сега, кога Уставниот суд утврди и донесе одлука за укинување на член 163 став 3 од Законот за банки, веднаш банките се заканија со зголемување на, и така, енормните каматни стапки. За грабежот на обичниот народ и понатаму да продолжи.

Што прави регулаторот Народна банка и гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска? Ништо. Регулаторот молчи и ги штити исклучиво интересите на банките. Граѓанинот нема никаква заштита. Регулаторот молчи и сега, а молчеше и со години кога се случуваше организиран грабеж на депозити од Еуростандард банка. Наместо да не заштити, гувернерката Бежоска била првотимецот во криминалот заедно со раководството на Еуростандард банка.

Денешната битка пред која се исправени оштетените физички и правни лица на Еуростандард банка е токму таа, граѓаните наспроти профитерите. Тоа е суштината на битката. Само навидум ова е битка за оштетените од Еуростандард банка. Не, ова е многу поширока битка, битка против неправдата, битка против профитерството што се прави преку грбот на граѓаните. Согледувајќи ја ваквата состојба, ние од Здружението решивме да кажеме ДОСТА Е! Грабежот кон обичниот народ мора да престане. Во таа битка, ние од Здружението „Правда за штедачи“, сме убедени дека ќе ја победиме неправдата, за нас и сите останати наши сограѓани сега и во иднина.