Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, заедно со министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на традиционалниот собир на Македонците од регионот на Њујорк и Њу Џерси. На овој настан, Мицкоски присуствуваше на литургија во црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Њу Џерси, каде оствари средба со македонската заедница.
Во објавата на неговиот фејсбук профил, премиерот изрази благодарност за топлото гостопримство и посветеноста на Македонците во дијаспората, истакнувајќи дека „каде и да се нашите луѓе, таму е и дел од Македонија“.
Државната делегација беше пречекана со големо внимание во црквата, каде богослужеше отец Гоце Постоловски. Тони Коцевски, претседател на црковната заедница „Свети Кирил и Методиј“, изјави: „Големо задоволство ни е да имаме ваква посета, во нашата заедница, да се види премиерот со наши луѓе и да седне со нас. Тоа не може да се види и доживее секој ден.“
На прашањето за очекувањата од матичната држава, Коцевски нагласи дека „од соработката на Македонија со дијаспората очекува да се работи секој ден, да има повеќе инвестиции, луѓето да сакаат да се вратат и да имаат подобри опции за живот во Македонија“.
Синиша Спасовски, иселеник во Њујорк, истакна дека посетата на премиерот значи посветеност „не само на Македонците во Македонија, туку и на Македонците кои се надвор од Македонија“. Спасовски додаде: „Овој знак на внимание од државата ни дава чувство дека не сме оставени сами на себе, туку дека нашата држава и нашите државници водат грижа за нас и сакаат посетите во странство да бидат насочени не само кон странците туку и кон нашинците во тие држави.“
Државната делегација, предводена од премиерот Мицкоски, претходно престојуваше во Вашингтон на средби со американските власти и сега е во Њујорк за годишното заседание на Обединетите Нации.
