Романската невладина организација Грин и австриската невладина организација ВГТ наведуваат во изјава дека мечката по име Артур била застрелана од принцот Емануел фон ун Лихтенштајн во месец март.

Настанот се случил во заштитено подрачје од Карпатите, а според невладините организации, принцот добил посебно одобрување од романското министерство да пука во мечка женка која правела штета на фармите во Ојдули.

– Принцот не го убил проблематичното животно, туку мажјак кој живеел длабоко во шумата и никогаш не се приближил до населено место, наведуваат организациите.

Асошиејтед прес извести со официјални документи во врска со спорниот лов, кој потврдува дека принцот Емануел во март добил четиридневна дозвола за лов како и дека на 13 март ја заловил 17-годишната кафеава мечка за која платил 7 илјади евра.

Габриел Паун, претседател на Грин, наведува дека Артут имал 17 години и дека бил најголемата мечка во Романија, а веројатно и најголема која живеела во Европската унија.

– Се прашувам како принцот можел да ја замени женката мечка која доаѓала во селото со најголемиот мажјак кој живеел длабоко во шумата, изјавил Паун и додава дека принцот не дошол да помогне на локалното население и да ја убие мечката која правела проблеми, туку сакал дома да го донесе најголемиот трофеј.

Кафеавата мечка според меѓународните и романски закони е заштитен вид со закон. Сепак, властите дозволуваат исклучоци во случаи кога мечките предизвикуваат штета и претставуваат опасност по луѓето.

Романскиот министер за заштита на околината Танчос Барна изјави дека е започната истрага.

Асошиејтет прес успеале да дојдат до принцот, но наведуваат дека принцот не сакал да ја коментира ситуацијата.