Поранешниот претседател Румен Радев оствари убедливо водство на парламентарните избори во Бугарија, откако неговата коалиција „Прогресивна Бугарија“ освои меѓу 38 и 39 проценти од гласовите, според првичните излезни анкети. Вакво високо ниво на поддршка за една политичка опција не е забележано од 2009 година.

Партијата ГЕРБ бележи историски најслаб резултат од 14 до 16 проценти, додека со сличен резултат од околу 14 проценти се позиционира и коалицијата „Продолжуваме со промените – Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ). На четвртото место е „ДПС-Нов почеток“ на Делјан Пеевски со околу 8 проценти, додека „Преродба“ се движи околу 5 проценти. За БСП останува неизвесно дали ќе го помине изборниот праг.

Конечниот распоред на мандатите ќе биде познат по пребројувањето на гласовите, но проценките покажуваат дека на Радев му недостигаат околу десетина пратеници за самостојно мнозинство од 121 мандат. За обезбедување двотретинско мнозинство од 160 пратеници, потребен ќе биде поширок политички консензус, особено за најавените реформи во правосудството.

Изборите се одржуваат во услови на продлабочена политичка нестабилност – Бугарија гласа по осми пат во последните пет години – што дополнително го засилува значењето на резултатот. Токму оваа состојба на замор од кризи, корупција и недоверба во институциите, според меѓународните анализи, му отвора простор на Радев да ја засили поддршката со антикорупциска реторика и ветувања за стабилност.

Светските медиуми изборите ги следеа со силен фокус на геополитичките импликации. Дел од нив предупредуваат дека евентуална влада предводена од Радев може да ја помести Бугарија кон поблиска позиција со Москва. „Фајненшл тајмс“ го опишува како можен „тројански коњ“ на Владимир Путин во Европа, додека други медиуми го оценуваат гласањето како тест за тоа дали земјата ќе остане цврсто усогласена со политиките на ЕУ кон Украина и Русија.

Иако Радев официјално ја осуди руската инвазија, агенциите како „Ројтерс“ и „Асошиејтед прес“ потсетуваат дека тој се спротивставува на испраќање воена помош за Украина и повикува на обновување на односите со Москва. „Вашингтон пост“ ја поврзува бугарската политичка сцена со пошироките европски трендови, оценувајќи дека Русија би можела да бара нови точки на влијание во ЕУ, додека „Ле Монд“ ја издвојува корупцијата и односот кон Русија како клучни теми на кампањата.

„Дојче веле“ укажува дека „Прогресивна Бугарија“ се претставува како алтернатива на олигархискиот модел, но истовремено го потенцира евроскептичниот и проруско перципиран профил на Радев. „Гардијан“ го нагласува и генерацискиот аспект, со млади гласачи кои бараат институционални промени по годините протести.

Во фокусот на меѓународната јавност, овие избори се повеќе од внатрешно политичко прашање. Тие се гледаат како тест дали незадоволството од корупцијата и долгогодишната политичка криза ќе донесе стабилност, или ќе отвори нови дилеми за позицијата на Бугарија во рамките на Европската унија и нејзиниот однос кон Русија, Украина и безбедносната политика на континентот.