Истрага за организирана група и нелегална сеча

Јавното обвинителство отвори истрага против 15 лица поради сомнежи за организирано пустошење на шуми и други тешки кривични дела. Според информациите, тие се товарија за злосторничко здружување и пустошење на шуми, а шестмина дополнително и за злоупотреба на службена положба и овластување. Првоосомничениот е опфатен со сомнежи и за давање поткуп, додека кај еден од осомничените е утврдено и примање поткуп.

Во текот на 2025 година, според Обвинителството, двајца вработени во правното лице и еден полициски службеник формирале група за стекнување противправна корист преку злоупотреби, поткуп и уништување на шумски фонд. Подоцна им се приклучиле други осомничени, вработени во институции како МВР, ЈП Национални шуми – Малешево, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и невработени лица.

Нанесена е огромна материјална штета

Истрагата утврдила дека групата со нелегалните активности предизвикала уништување на шума на површина од 6.000 хектари во сопственост на ЈП Национални шуми. Била исечена дрвна маса во обем од 1.500.000 кубни метри, чија вредност изнесува над 6,4 милијарди денари.

Според Обвинителството, нелегално исечената дрвна маса била транспортирана и продавана како легално добиена, со цел организаторите да остварат милионска корист.

Обвинителството посочи дека групата имала поддршка и од полициски службеници. Тие не преземале мерки и дури ги информирале организаторите за полициските контроли. На тој начин, им овозможиле непречено продолжување на криминалното делување.

Поткуп и обиди за прикривање

Во истрагата е утврдено дека директорот на ЈП Национални шуми – ПО Малешево ја одобрувал нелегалната сеча, а началникот на ОВР Делчево ги прикривал сторителите и средствата што биле користени.

Првоосомничениот, според доказите, во август и септември 2025 година му предал пари во износ од 6100 евра на директорот на Национални шуми. Целта била да дозволи нелегална сеча уште пред објавување на јавниот повик за дрвна маса погодена од пожар.

Обвинителството наведе дека, со цел прикривање на делото, осомничениот началник на ОВР известил член на групата за полициска акција. Тој потоа ја пренел информацијата до организаторот, кој ги предупредил луѓето што вршеле нелегална сеча во атарот на селото Двориште да ги отстранат трагите. На местото пристигнал и самиот началник, каде што бил фатен на лице место.

Јавниот обвинител процени дека постојат услови за притвор. Затоа беше доставен предлог до Основниот кривичен суд Скопје сите осомничени да бидат задржани.