Пензионерите на почетокот на септември ќе дознаат колкаво ќе биде редовното усогласување на пензиите. Министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски очекува зголемувањето да изнесува меѓу 3 и 3,5 проценти.
Велковски вечерва во гостување на ТВ Сител рече дека конечните параметри ќе бидат познати откако ќе заврши август, по што ќе бидат објавени и конкретните износи.
„Се чека да заврши август и веќе следната недела ќе ги имаме параметрите и ќе излеземе со конкретни бројки, бидејќи треба да влезат во исплата на септемвриската пензија што ќе се земе на 1 октомври“, рече Велковски.
Тој посочи дека засега останува важечкиот член од Законот, според кој пензиите се зголемуваат преку процентуално усогласување. Претходно, со линеарното зголемување, пензиите беа зголемени за 7.000 денари.
„Дали ќе има дополнителни интервенции, согласно политиките и динамиката како ќе се движат одредени параметри во државата одлуките ќе се носат дополнително. Следното е во март 2027 година. Дотогаш мислам дека има време“, посочи министерот Велковски.
Претходно, премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе има раст на пензиите од септември, изјави дека за да се заштитат пензионерите, пензиите ќе растат согласно законот.
Мицкоски потсети дека по линеарното зголемување на пензиите што го спровела Владата, одредени поединци, како што рече, охрабрени од опозициските партии, поднеле иницијатива пред Уставниот суд за негово укинување.
„Да, тоа ќе биде редовно нивелирање, усогласување согласно закон. Знаете дека постоеја иницијативи од страна на поединци во позадина охрабрени од политички партии да пред Уставниот суд покренат тема за линеарното зголемување на пензиите. За да ги заштитиме пензионерите и пензиите, понатаму зголемувањето ќе биде согласно усогласувањата предвидени со закон“, рече премиерот Мицкоски.
