Мицкоски: Не ми паѓа на памет да интервенирам кај судиите

Премиерот одговори дека го прочитал писмото на Ахмети. Сепак, Мицкоски не му обрнува големо внимание.

Писмото на Ахмети има геостратешки осврт, но и обвинување дека уставните судии кои ги избраа СДСМ и ДУИ спроведуваат програма на ВМРО-ДПМНЕ. Не ми паѓа на памет, како што бара Ахмети, да интервенирам кај судиите бидејќи нивните одлуки можеле да ја дестабилизираат државата – изјави премиерот Христијан Мицкоски, откако го прочитал дописот од лидерот на интегративците.

Бектеши се жали за балансерот

Ексминистерот од ДУИ, Крешник Бектеши пак, во писмото на неговиот лидер не гледа никакви закани, но во интервју за „360 Степени“ коментира дека со укинувањето на балансерот, Уставниот суд ја скратил можноста на граѓаните да се изјаснат за нивната етничка припадност.

Касами со осуда до Ахмети

Писмата кои Ахмети ги испраќа не се во интерес на граѓаните. Ахмети треба да работи на реформирање на ДУИ, директна порака од лидерот на „Беса“ Биљал Касами.

Хајредини дециден против Ахмети

Џевдет Хајредини којшто е поранешен функционер, колумнист и аналитичар од албанскиот политички корпус го искритикува лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Хајредини до Ахмети: Зошто на Мицкоски не му се обратиш од собраниската говорница да те слушнат твоите гласачи?

Тој смета дека потегот да се прати писмо наместо да се излезе на собраниска говорница пред гласачите е погрешен.

Зошто Али Амети како пратеник, на Мицкоски како премиер, не му се обраќа од собраниската говорница, за да го слушаат неговите гласачи и другите граѓани?, пишува Хајредини.

Мицкоски работи на реформите во Судскиот и Обвинителскиот совет

Шефот на владата остварил средба со Бранко Хорватин, кој го предводеше тимот на мисијата за оценување која ги изготви препораките за Судскиот совет. Мицкоски вели дека добил квалитетни идеи и очекува веќе од следната недела оперативно да се работи на реформите во Судскиот и Обвинителскиот совет.

Премиерот Мицкоски потврди дека постои работна група за Законот за правична застапеност, во која членуваат експерти, но не и министерот за јавна администрација Горан Минчев.