Со цел подобрување на условите за работа и квалитетот на здравствените услуги, министерот за здравство Азир Алиу денеска ја посети Здравствената установа во Гостивар. За време на обиколката заедно со директорот Вулнет Оломани, ги разгледаа детално плановите за реконструкција и доградба на објектот.
„Директорот ме информираше за тековните подготвителни активности за реконструкција на Здравствениот дом по речиси педесет години. Проектот предвидува доградба на нов кат, со што сите дисперзирани служби ќе бидат сместени во еден објект, вклучувајќи ја биохемиската лабораторија, патронажата, спортската медицина, систематските прегледи и администрацијата. Овој проект е од исклучително значење за моите сограѓани од Гостивар, за сите пациенти и за здравствениот кадар кој работи тука“, истакна министерот Алиу.
Со цел зајакнување на кадарот, веќе е објавен оглас за 19 нови вработувања, меѓу кои шест доктори, девет медицински сестри и технички персонал. Постапката за нивното ангажирање ќе продолжи по завршување на изборниот процес.
Во моментов, четворица доктори од Здравствениот дом се на специјализација во области како биохемија, педијатрија, ургентна медицина и спортска медицина.
Министерот Алиу исто така присуствуваше на државниот натпревар по прва помош, одржан на градскиот плоштад во Гостивар, каде што екипите од целата држава демонстрираа знаења и вештини од областа на првата помош.