Европскиот парламент денеска го усвои извештајот за Црна Гора, кој го подготви специјалниот известувач Тонино Пицула.
За извештајот, кој по усвојувањето стана Резолуција, гласаа 529 европски пратеници, 51 беа против, а 53 беа воздржани.
Беше усвоен и амандман кој се однесува на пописот.
„Црна Гора е повикана да го спроведе долгоочекуваниот попис на населението и становите во согласност со Европската унија и меѓународните стандарди штом ќе заврши политичкиот застој во земјата, за да не се користи ова важно прашање како уште еден изговор за интензивирање на поларизацијата на општество“, се вели во амандманот поднесен од Пицула и европратеникот Педро Маркез.
Во првиот нацрт на извештајот, кој беше објавен на крајот на јуни, Црна Гора беше поканета да спроведе попис на населението и домаќинствата до крајот на годината, во согласност со ЕУ и меѓународните стандарди.
Пицула синоќа на дебатата во ЕП рече дека пописот не треба да се користи како уште една политичка алатка за дополнителна поларизација на општеството.