Пораки за значењето на книгата во време на брзи информации
Со пораки за важноста на читањето и културниот развој, денеска во Скопје беше отворен Саемот на книгата 2026. На настанот се обрати министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој ја нагласи улогата на книгата како суштински дел од општеството.
„Книгата е најтивката револуција што човештвото ја познава. Таа не вика, не урива, не бара дозвола, но менува сè“, рече Љутков.
На отворањето присуствуваа бројни издавачи, автори и гости од земјата и странство, како и љубители на пишаниот збор. Министерот посочи дека Саемот претставува „простор на мислата, имагинацијата и слободата“, истакнувајќи дека книгата има клучна улога во развојот на едно општество.
Читањето како отпор и свесен избор
Во своето обраќање, Љутков се осврна и на значењето на читањето во современиот контекст, каде доминираат брзи и површни информации.
„Кој чита, живее илјада животи пред да умре. Народ што чита не може лесно да се манипулира. Народ што размислува не може лесно да се подели, а народ што создава не може лесно да исчезне“, истакна Љутков.
Тој додаде дека читањето претставува чин на отпор и свесна одлука за подлабоко размислување, при што книгата станува простор за концентрација и критичко мислење. Притоа, посебен акцент стави на улогата на читателот како активен учесник, без кого книгата останува неискористен потенцијал.
Над 60 издавачи и богата програма
Годинешниот Саем обединува повеќе од 60 издавачки куќи и над 130 нови наслови, со учество на гости од повеќе европски и светски земји.
„Отворете го прозорецот – не само кон нови светови, туку и кон нови идеи, прашања и перспективи“, беше пораката со која министерот го заокружи своето обраќање.
Саемот ќе трае седум дена и ќе понуди богата програма за посетители од сите генерации.
