СДСМ преку соопштение изјави дека последиците од загадената вода во Гостивар, покрај граѓаните, ги чувствуваат и приватните бизниси, откако Агенцијата за храна и ветеринарство изрече казни и забрани за работа по извршените контроли.

Според партијата, Агенцијата досега изрекла 30 казни и 12 забрани за работа, додека засилените инспекциски контроли продолжуваат. Од СДСМ наведуваат дека дел од угостителските објекти, продавниците и производителите веќе се соочуваат со ограничувања во работењето.

„Ниту еден од овие луѓе не е виновен. Тие се жртви на туѓа грешка“, велат од СДСМ, обвинувајќи ја Владата и ВМРО-ДПМНЕ за, како што наведуваат, нестручност и негрижа за јавното здравје.

Во соопштението се оценува дека, по труењето на граѓаните, последиците сега ги сносат и приватните бизниси, кои, според СДСМ, не се одговорни ниту за загадувањето на водата, ниту за прикривање на информациите.

Партијата во соопштението прави споредба и со, како што наведува, зголемувањето на цените на горивата, тврдејќи дека претходно барала мерки за ублажување на последиците, но дека Владата не реагирала.

Од СДСМ оценуваат дека поради, како што тврдат, пропустите на институциите под раководство на Владата, последиците ги чувствуваат и граѓаните и стопанството, упатувајќи критики кон премиерот Христијан Мицкоски и Владата.