Продолжува трендот на намалување на бројот на активни ковид случаи, поради што надлежните очекуваат стабилизација на епидемиолошката ситуација во државата. Според вчера објавените податоци на Институтот за јавно здравје, во државава активни се 2.871 случај од кои најголем број 1546 се во Скопје.

При направени 2.365 тестови, регистрирани се 223 нови случаи на КОВИД-19, од кои 37 реинфекции, тројца починати и 174 оздравени пациенти.

Главниот координативен кризен штаб и Владата треба да се произнесат околу препораката на Комисијата за заразни болести да се укинат сертификатите задолжителни за влез во моловите, онаму каде не е задолжително носењето маски, како и околу препораката за укинување на задолжително поседување негативен ПЦР тест, потврда за прележаност или сертификат за вакцинација при излез од нашата држава, како и укинување на ослободувањето од работа за бремените жени.

Вкупниот број КОВИД-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 299.642, бројот на оздравени пациенти е 287.692, а на починати е 9.079.

Европски сертификат за вакцинација, европска потврда за прележан Ковид-19 или негативен резултат од ПЦР/рапид тест и понатаму се задолжителни за влез во Грција, правила кои важеа и во изминатиот период и се непроменети и продолжени за уште две седмици до 21 март 2022 година, а воедно се однесуваат и на туристите од Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.

Пополнувањето на PLF (Passenger Locator Form) формуларот е задолжително заклучно со 14 март, со оглед на тоа дека од 15 март се укинува, нешто што е потенцирано и во новата министерска одлука „Предуслови за влез во земјата за ограничување на ширењето на Ковид-19“, што веќе е објавена во Службен весник, а стапува во сила утре наутро.

Во однос на документот поврзан со Ковид-19, правилата остануваат непроменети, сертификатот за вакцинација е со важност од девет месеци по втората доза, потврдата за прележана болест трае 180 дена, а доколку се патува со негативен тест, треба да биде направен 72 или 24 часа претходно, во зависност од тоа дали е ПЦР или рапид, а МИА детално ги пренесува правилата за патување кај јужниот сосед.

Влез во Грција е дозволен за посетители од државите членки на Европската Унија и Шенген зоната и за 35 земји кои се вклучени во системот на ЕУ за дигитален сертификат (European Union Digital Covid Certificate, EUDCC), а меѓу нив и Северна Македонија, кои ќе треба да поседуваат европски дигитален сертификат за Ковид-19, поврзан со вакцинација, прележана болест или негативен резултат по направен ПЦР или рапид тест.

За вакцинираните, сертификатот е валиден доколку се поминати 14 дена од втората примена доза и не повеќе од девет месеци по вакцинацијата, а за лицата кои примиле бустер доза не постојат ограничувања.

Европскиот дигитален сертификат треба да ги содржи основните лични податоци, име и презиме како што се наведени во пасошот, видот на вакцината, бројот на дози и датумот на примање.

Втората опција е со потврда за прележан Ковид-19 по лабораториски тест со ПЦР метод или со брз антиген тест (рапид тест), а согласно министерската одлука, европскиот дигитален сертификат за прележана болеста се издава 14 дена по првиот позитивен тест и неговата важност е до180 дена од истиот.

Третата опција е со потврда за негативен тест, односно негативен резултат од ПЦР тест направен 72 часа пред патувањето или рапид тест 24 часа пред пристигнувањето во Грција.

Конкретните обврски за патување важат и за возрасните, но и за децата со наполнети пет години.

Во однос на електронскиот формулар PLF (Passenger Locator Form), до 14 март се смета за неопходен документ за патување во Грција и треба да биде пополнет преку интернет страницата https://travel.gov.gr .