Верската слика во Австрија последните децении значително се измени. Додека бројот на католиците и протестантите постојано се намалува, бројот на муслиманите и на православците е значително зголемен, а покрај тоа, има се повеќе австриски граѓани кои не припаѓаат на ниту една верска заедница.

Податоците на Заводот за статистика на Австрија покажуваат дека атеистите станале најбројната група во Виена.

Според истите податоци, 77,6 отсто од австриските граѓани истакнуваат дека припаѓаат на една од верските заедници.

Самиот развој на верските заедници е различен во изминатите децении. Додека во 1951 година 89 отсто од австриските граѓани изјавиле дека припаѓаат на римокатоличката верска заедница, тој број се намали на 87 отсто во 1971 година и оттогаш драстично се намалува, на 74 отсто во 2001 година, додека минатата година само 55 отсто од граѓаните на Австрија се изјасниле како римокатолици.

Сличен развој е присутен и кај протестантите, чиј удел во населението се намали од 6,2 на 3,8 отсто во последните седум децении, а кај старокатолиците од 0,5 на 0,1 отсто.

Муслиманската и православната заедница, пак, се развивале сосема поинаку, пред се поради имиграцијата.

Така, во 1971 година, кога во Австрија првпат биле регистрирани податоците за припадниците на исламската вероисповед, учеството на муслиманите во населението било само 0,3 отсто. Минатата година уделот на муслиманите во популацијата на Австрија достигна 8,3 отсто.

Се повеќе австриски граѓани велат дека не припаѓаат на ниту една верска заедница, а нивниот удел е зголемен од 12 на 22,4 отсто во изминатите две децении.

Најголем дел „неверници“ има во Виена или 34 проценти.

И православните и муслиманите најмногу живеат во Виена и тоа 11, односно 15 проценти. Од друга страна, во Виена само уште 32 отсто од граѓаните се изјаснуваат како католици.

Во сите други провинции на Австрија католиците го сочинуваат мнозинството, во Тирол со 66,2 отсто дури имаат двотретинско мнозинство.

Кога станува збор за апсолутни бројки, во Австрија која има околу 8,94 милиони жители, живеат 4,93 милиони католици, 645.600 муслимани, 436.700 православни, 340.300 протестанти, 5.400 Евреи, 4.900 старокатолици, но и два милиони атеисти.

Тобијас Томас, генерален директор на Заводот за статистика на Австрија, таквиот развој на настаните го објаснува со се позначајната секуларизација, но и со забрзан тренд на верски диверзитет.

Тој како пример го посочи податокот дека моментално во земјата има 26 илјади будисти, што со удел од 0,3 проценти моментално претставува побројна заедница отколку еврејската.