Спречување фемицид бара должна почит и координирани активности кај сите институции и сектори. Ова го истакна  заменик-шефица на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Сузан Пенкса на завршниот дел на дводневната Регионална конференција за фемицид во Југоисточна Европа што се одржа во Собранието.

– Секој фемицид може да се спречи, но само доколку научиме и сме подготвени да видиме што пропуштил системот. Мора да ги препознаеме обрасците на насилство, да ги направиме жртвите видливи, а ги нема во официјалните податоци, да го разгледуваме секој случај преку родова перспектива и да се прашаме дали институциите делувале со должна почит. Така секој случај ќе го направиме во научена лекција и ќе го спречиме следниот фемицид – смета Пенкса.

Оние што се први на терен – полицијата, обвинителите, судиите мора да бидат способни родовиот мотив да го препознаат уште од самиот почеток. – Доколку не ги видат овие индикатори може да ги пропуштат оние обрасци на насилство и можностите да се спречи да има нова жртва – рече амбасадорката на ОБСЕ.

Како втор заклучок таа посочи на имлементацијата на законите, но и надзорот како тие се спроведуваат и дали навистина се штитат жените од насилство.

– Законот ги штити жените само кога се спроведуваат во пракса. Собранијата имаат важна улога во надзор врз нивното спроведување, да имаат јавни расправи, да вршат мониторинг, да има систематско следење и да бидат сигурни дека институциите ги имаат потребните ресурси и средства за да делуваат- рече Пенкса.

Граѓанските организации со својата независност и посебна експертиза, додаде таа, мора да имаат свој глас во овој процес.

Дводневната регионална конференција за фемицид во Југоисточна Европа беше во организација на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.