-Тангото го играат двајца, коментираше потпретседателот на Европската комисија (ЕК) Марош Шефчович по состанокот со швајцарскиот сојузен министер за надворешни работи Игнасио Касис, објави „EUObserver.com“.
Разговорите имаат за цел да го продолжат дијалогот откако Швајцарија во мај ненадејно ги прекина разговорите со ЕУ, нејзиниот најголем трговски партнер. Во тоа време, правилата за државна помош на ЕУ и прашањата за слободата на движење (како што се пристапот до социјалниот систем и стравувањата за заштита на високите швајцарски плати) беа причина за Берн да ги прекине преговорите.
Во изминатите 13 години, ЕУ и Швајцарија постојано работеа на сеопфатен договор за замена на билатералните договори за областите што ги регулираат односите меѓу двете земји.
-Она што ни треба сега од Швајцарија е недвосмислена политичка волја да се вклучи со нас за вистинските прашања кои се важни, и веродостоен распоред. Секој политички дијалог мора да биде фокусиран и суштински. Ќе се сретнеме повторно во Давос во втората половина на јануари за да го оцениме напредокот. Дотогаш ќе видиме дали има реална политичка определба, додаде Шефчович.
ЕУ сака Швајцарија да се согласи на динамично усогласување на нејзините закони со променливите закони на блокот, еднакви услови за игра, механизам за решавање спорови и редовни придонеси во кохезионите фондови на блокот.
Во знак на добра волја, швајцарскиот парламент во септември даде зелено светло за исплата на повеќе од 1,2 милијарди евра на кохезионите фондови, иако ова прашање е политички контроверзно за земјата.
Шефчович го поздрави потегот како „позитивен“, но предупреди дека исплатата датира од 2012-та година. Тој рече дека има потреба од редовни финансиски придонеси во иднина.
Според статистичките податоци на ЕУ, околу 1,4 милиони граѓани на блокот живеат во Швајцарија, а околу 340.000 луѓе патуваат во Швајцарија од ЕУ за да работат.
Потпретседателот на комисијата наведува дека секоја земја што учествува на единствениот пазар на ЕУ мора „да ги почитува истите правила и обврски“. Тој изрази надеж дека ќе има „значаен напредок“ во преговорите веќе следната година.
Една од последиците од прекинот на преговорите во мај беше учеството на Швајцарија во програмата за истражување и иновации на ЕУ – „Horizon Europe“, со буџет од 95 милијарди евра. Според Шефчович, швајцарските истражувачи и институции можеби ќе продолжат да учествуваат во програмата, но нема да имаат пристап до парите на даночните обврзници на ЕУ додека не се решат проблемите.
Минатиот месец, Швајцарија објави средства за поддршка на швајцарски истражувачки проекти кои се дел од програмата „Horizon Europe“.