Шпанија може да стане една од првите земји во светот што ќе воведе четиридневна работна недела, откако Владата се согласи компаниите заинтересирани за таа идеја да учествуваат во пилот проект, пишува Гардијан.

На почетокот на оваа година, малата левичарска партија во Шпанија, Мас Паис, соопшти дека Владата ја прифатила нејзината понуда за тестирање на идејата. Од тогаш се водат разговори, а следниот состанок се очекува да се одржи во наредните недели. Партијата забележува дека идејата за воведување на четиридневна работна недела (32 часа) означува почеток на реална дебата. Тие веруваат дека е време да се материјализира идејата.

За слична идеја се дискутира и во други земји, вклучително и Нов Зеланд и Германија. Застапниците на предлогот веруваат дека со тоа ќе се зголеми продуктивноста, ќе се подобри менталното здравје на работниците и ќе придонесе во борбата против климатските промени.

Лево оријентираните партии во Шпанија, каде 44-дневниот штрајк во Барселона во 1919 година ја направи земјата една од првите во Западна Европа што воведе осумчасовен работен ден, ја прифатија идејата.

Според Мас Паис, Шпанија е една од земјите каде што луѓето работат повеќе часови од европскиот просек, но не е меѓу најпродуктивните земји. Партијата смета дека повеќе часови работа не значи подобро завршена работа.

За деталите сè уште се разговара, но партијата предлага пилот-проектот да биде за период од три години и да се инвестираат 50 милиони евра, што ќе им овозможи на компаниите да го намалат работното време со минимален ризик. Трошоците за компанија што ќе воведе четиридневна работна недела може да се покријат 100 отсто во првата година, 50 отсто во втората година и 33 отсто во третата година.

Мас Паис проценува дека околу 200 компании со 3.000-6.000 работници можат да учествуваат во пилот-проектот. Целта е да се намали работното време, но да не се изгуби дел од платата или работата.

Проектот се очекува да започне најрано оваа есен.