Скопје ќе има единствена голема новогодишна прослава на градскиот плоштад, а градот ќе биде накитен во средината на декември, при што нема да се организира новогодишен огномет. За пречекот на Новата година на сцената ќе настапат исклучиво домашни музички уметници.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во гостување во емисијата „Тема на денот“ на телевизија Сител, најпрво зборуваше за реализацијата на подземната сообраќајница кај комплексот „Лимак“, проект кој беше дел од неговите предизборни ветувања, посочувајќи дека истиот е во напредна фаза на реализација.
Тој потсети дека во предизборната кампања ветил дека првата фаза од проектот, која била завршена за 90 дена, ќе ја реализира до крајот на мандатот, но стабилизираната финансиска состојба на Град Скопје овозможила проектот да се реализира во целост.
„Се отвори можност да ја дореализираме до крај. Тука рака подаде и претседателот на Владата, за што сум му благодарен во името на сите скопјани, со тоа што и финансиски помогна за реализација на оваа втора фаза. Земајќи го сето тоа предвид, ние влегуваме етапно во целиот процес. Откако првата фаза од делот од Кисела Вода ја завршивме веќе влеговме во втората фаза, којашто е многу посериозна. Тоа се двата кружни тека, подземното пробивање и се останато и таму содржи еден колекторски систем којшто треба да го изградиме со препунктна станица којашто треба да ги регулира водите, коишто во минатото немало изградено и не можело да бидат истретирани како што треба“, истакна Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека особено внимание се посветува и на доследната реализација на предвидените градежни активности на теренот.
„Од рана пролет ќе се започне и со реализација на препунктната станица, односно колекторскиот систем, којшто треба да ги спроведе атмосферските води и да ги извади таму, нема да биде слободна гравитација туку со пумпа ќе биде тоа регулирано“, посочи Ѓорѓиевски.
Во врска со новогодишното украсување на Скопје и организацијата на новогодишната прослава, тој најави дека градот ќе биде накитен во периодот од 10 до 15 декември, при што забавната програма целосно ќе се потпира на домашните уметници.
„Според планот некаде од 10-ти до 15-ти Скопје треба да биде накитено. Она што сè уште го немаме доутврдено, со тимот работиме на истото, е организацијата на новогодишната прослава. Но и деновите кога ќе има базари и сè останато, настани на градскиот плоштад. Главната прослава ќе биде на градскиот плоштад и тука ми е драго што се солидаризираат и колегите, за разлика од минатото, сите скопски градоначалници, да имаме една прослава во главниот град, така му личи на градот“, вели Ѓорѓиевски.
Градоначалникот потенцираше дека одлуката за домашни изведувачи е веќе донесена и дека се работи на дефинирање на имињата.
„Одлучивме оваа година како и минатата со исклучиво македонски изведувачи, ние имаме богата културна сцена. Не сме ги утврдиле се уште имињата, но мислам дека ќе биде достоинствен пречек на Нова година. Да најавам уште од сега, огномет нема да има. Има поделени мислења кога станува збор за огнометот за новогодишната ноќ“, вели тој.
Во однос на изборот на фирма за украсување, Ѓорѓиевски појасни дека постапката се водела транспарентно преку системот за јавни набавки.
„Веќе е избран оператор. За подеталните информации поврзани со истото можете да се обратите слободно како медиум, но и јавно достапни се, мислам дека во системот за јавни набавки. На транспарентна постапка избран е изведувач, односно оној оператор којшто ќе треба да го направи сето тоа. Немам детали во моментов за да ги изнесам, но секако дека се достапни во јавноста, но и можеме да ги доставиме дополнително до вас“, изјави градоначалникот.
Ѓорѓиевски изрази очекување дека годинашното новогодишно украсување ќе биде поспектакуларно во споредба со претходните години, потсетувајќи дека во минатото имало забелешки кога градот се кител дури на 30 или 31 декември.
