Визија за трансформација на Скопје и капитални проекти

Овие четири години за Скопје се изгубени, сега на градот му треба силна трансформација, истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски. Тој додаде дека Владата и Министерството за транспорт ќе дадат силна поддршка во реализација на капиталните проекти за градот, вклучувајќи го и градскиот воз, новите еколошки автобуси и инфраструктурата.

Градскиот воз, нови автобуси и реконструкција на улиците

„На Скопје му треба силна трансформација, новиот градоначалник ќе има силен партнер во мене, во премиерот Мицкоски, во Владата и во Министерството за транспорт. Сакам да најавам дека градскиот воз е нешто што го ветивме и ќе го реализираме. Првата делница е од Зелениково, преку Драчево, помеѓу Кисела Вода и Аеродром до новата железничка станица. Деновиве изведувачот ќе биде воведен во работа и очекувам првата линија напролет да биде функционална. Следната година ќе продолжиме со избор на изведувач за другите две линии, за да го заокружиме прстенот и да обезбедиме функционален воз што ќе се надоврзува на автобусите на ЈСП, со евтин и брз превоз за граѓаните и растеретување на гужвите“, рече Николоски.

Николоски најави дека по завршување на изборите повторно ќе се распише тендер за 120 еколошки автобуси.

„Веднаш по завршување на изборите, откако ќе завршат законските ограничувања, ќе ја продолжиме постапката. Набавуваме 120 автобуси – 80 за Град Скопје и 40 за другите општини. ЈСП ќе има целосна промена на флотата, која сега брои 250 автобуси, и сите тие ќе бидат заменети во годините пред нас, со што градот ќе добие огромна поддршка“, додаде потпретседателот.

Заедно со кандидатот за градоначалник Орце Ѓорѓиевски, Николоски денеска изврши увид во реконструкција на улиците во општина Кисела Вода. Двајцата најавија пробивање на улицата „Есенинова“ на потегот од месноста „Чешма“ до „Шампионче“, што ќе овозможи побрз пристап и подобра поврзаност на населбите.