„Повикот ‘Слобода за Гордана’ е клучен момент за спротивставување на целосното заробување на правосудството.
Ако се исцрпени правните можности, ред е претседателот на државата Стево Пендаровски да ја земе Гордана Јанкуловска предвид за помилување.“ – вели Сашо Клековски, политички аналитичар и член на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ, во својата колумна со наслов „Слобода за Гордана!“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Во десетгодишното пишување за „Нова Македонија“, сум пишувал слободно, без ограничувања за сите теми. Самопоставени ограничувања за коментирање, од повеќе причини, сум имал и имам само за судски одлуки. Во десет години, сум коментирал институции од правосудството, избор и личности, не сум отстапил од ограничувања за коментирање на пример за ниту еден случај поврзан со „бомбите“ или „27 април“ и насилниот упад во Собранието. Единствената отстапка ја направив во 2013 година, во „Судови на кои им треба едукација“, а реобјавено како „Слобода за Кежо“ во 2015 година, поврзано со случајот „Кежаровски“. Тоа го направив бидејќи сметав дека е клучен случај за борба против партизацијата на правосудството. Сега, со повикот „Слобода за Гордана“, сметам дека е клучен момент за спротивставување на целосното заробување на правосудството. Како слобода за Гордана Јанкуловска е поврзано со заробувањето на правосудството?
Пред само две недели во „Параспур правосудство“ пишував за аферите „Правосуден без диплома“, за изборите во Јавното обвинителство (ЈОРМ), за оставката на претседателката на Судскиот совет. Овие афери, кои укажуваат на влијание на избор на идни судии и обвинители, како и скандалозниот избор за Уставниот суд, укажуваат на жестока борба за политичко влијание, на кратки, но и долги патеки врз правосудството на Македонија. Со изборот на Весна Дамева, поранешна членка на правна комисија на СДСМ, само се потврдува тезата. Фактот дека за претседател на Судскиот совет, органот што ги оценува судиите, се избира лице што не е судија, туку стручен соработник во суд, треба да ги отстрани сите дилеми за партиските влијанија.
Борбата за контрола во правосудството се засилува понатаму со одлуката на Апелацискиот суд Скопје да ја укине 12-годишната затворска казна за масовното незаконско прислушување за Сашо Мијалков, осуден како поранешен директор на УБК во предметот „Тврдина-таргет“.
Тоа се потврдува со тоа што одлуката ја коментираа и сегашни и бивши политичари, од Зоран Заев, поранешен премиер, до Стево Пендаровски, претседател на државата. Тоа што политичари се одлучија да ја прегазат пресумцијата на невиност и во јавноста поттикнуваат атмосфера на линч говори за партиски влијанија. Или судот одлучувал независно и реагираат дека работата избегала од партиска контрола и тоа ги вознемирува. Или судот одлучувал под партиско влијание, како дел од „пактот за неказнивост“, и јавните реакции се „перење“ од сопствената одговорност.
Неблагодарни, а и неаргументирани, ќе бидат понатамошни анализи, бидејќи самото решение на Апелацискиот суд не е објавено. Има само медиумска информација дека пресудата е укината бидејќи не е опишана улогата на секој обвинет во кривичното дело, за ценење на пресудата за секого од нив. Но без објава, ни тоа не може да се цени. Оттука, може само да се оценуваат политичките реакции на пресудата, а не самата пресуда.
Непочитувањето на пресумцијата на невиноста не е новина. Како барањата за „правда“ да се барања за одмазда и единствено прифатлива одлука е осуда. Тоа не е новина, но напади на партиски ботови, врз тие што ја бранат пресумцијата на невиност, како проф. Гордан Калајџиев, се нова ескалација. Во неможност да се негира правото на пресумција на невиност се атакува на личностите што го бранат тоа право. Нападите од партиски ботови, кои бараа правда. Тука индикативно е дека целиот гнев е насочен кон Апелацискиот суд. Нема прашања за Основниот суд, кој ја донел пресудата што е укината, нема прашања ниту за јавните обвинители што ја воделе постапката. Или овие не се за критика, бидејќи нивните одлуки биле во согласност со атмосферата на линч, без разлика што можеби не се во согласност со закон? Клучен аргумент за критика на Апелацискиот суд е неговата неажурност. Но дали е таа посебна за овој случај или општа болка на судовите, особено во Скопје? И дали е селективна неажурност? А каква е ажурноста на Врховниот суд во одлуката по претставката на осудените за „27 април“?
На крајот се сведува дека немаме општ консензус за институциите и за правилата, туку страдаме од „не го признавам овој суд, го признавам само судот на мојата партија“. Или ги признавам судските одлуки додека се исти со партискиот став. Повикот за слобода на Гордана е повик за надминување на партиските пресуди. Случајот „Тенк“ не може да биде ништо друго освен партиски одлука и одмазда. Можеби Јанкуловска има вина за други работи, но за овој случај не. Доколку се исцрпени правните можности, ред е Стево Пендаровски да ја земе предвид за помилување.