Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, придружуван од заменикот на претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, се сретна со Оливер Вархеји, еврокомесар за проширување и соседска политика на ЕУ.

На состанокот е разговарано за актуелни прашања поврзани со предизвиците од војната во Украина и за европерспективите на регионот.

Заеднички е констатирано дека европските интеграции на Северна Македонија и на регионот се потреба на државите во регионални рамки, но и на самата Европска унија.

Исто така постои согласност дека сега е моментот за деблокада на евроинтеграциите на Република Северна Македонија, што во спротивно може да остане уште долг период отворено прашање, а тоа не е од полза на ниту една страна.

Премиерот Ковачевски нагласи дека тој останува посветен исклучиво на принципите на почитување на европските вредности и на разговори базирани на респект и достоинство, за што се согласиле со премиерот Петков при воспоставувањето на дијалогот и очекува односи на оваа база.

-Нашата држава ги исполни своите обврски и продолжува да дејствува целосно на линија на политиките на Европската унија, со што уште еднаш покажа дека е достоен партер на европските држави и заслужува конечно одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ, рече премиерот Ковачевски.