Стопанската комора на Македонија денеска побара итна средба со министерот за економија Крешник Бектеши за дополнителни консултации со цел, како што соопштија оттаму, наоѓање избалансирано решение за замрзнувањето на маржите во трговијата на големо и на мало, а коешто треба почне да се применува од почетокот на следниот месец.
Ако маржата се замрзне за одреден период, според компаниите при Комората, таа треба да биде во висина од 20 проценти во трговијата на мало, а потребна е и корекција на листата на производи, односно одлуката на Владата да се однесува само на основните производи во секторите опфатени со неа. Ако не се направи корекција на листата трговците на мало, според информацијата од Комората, компаниите ќе бидат принудени овие производи во наредниот период да ги откажат.
Како што соопштија од Комората, претставници на трговците на големо и на мало, како дел од Здружението за трговија и на Здружението за земјоделство и прехранбена индустрија одржале средба на која ја разгледале последната одлука на Владата со која се определува највисоката трговска маржа до 5 проценти на продажната цена пресметана во трговијата на големо, односно до 10 проценти на продажната цена во трговија на мало, како посебен услов во трговијата.
– Доколку намерата на Владата e заштита на социјалната категорија граѓани, домашните трговци на големо и на мало се подготвени за соработка. Во согласност со податоците, само за плати се издвојуваат 8 до 14 проценти од прометот, а со носењето на Законот за минимална плата и со нивното линеарно зголемување, тој процент ќе биде и повисок. На енергенси отпаѓаат 5 до 6 проценти, на одржување 7 до 10 проценти, а за плаќање закуп за простор од 3 до 4 проценти од вкупниот промет. Оттука, ако маржата се замрзне за одреден период, таа треба да биде во висина од 20 проценти во трговијата на мало, сметаат компаниите, пренесува прес-службата на Стопанската комора на Северна Македонија.
Истовремено, стои во соопштението, компаниите бараат и корекција на листата на производи, односно одлуката да се однесува само на основните производи во секторите опфатени со неа.
– Доколку Владата на РСМ не го прифати барањето за корекција на листата на производи, трговците на мало ќе бидат принудени овие производи во наредниот период да ги откажат, што ќе има негативни последици врз работењето и на производителите и на самите трговци. Затоа, претставници од овие два сектора, со намера да помогнат во изнаоѓањето избалансирано решение за замрзнување на маржите во трговијата на големо и на мало, бараат итна средба со ресорниот министер. Само на тој начин, со вклучување на бизнис заедницата и консултации со Стопанската комора на Северна Македонија ќе може да се дојде до поквалитетно решение, велат од Стопанската комора на Северна Македонија.
Со одлука на Владата од 1-ви следниот месец до 31- мај годинава највисоката трговска маржа на продажната цена пресметана во трговијата на големо ќе изнесува до пет проценти, односно до 10 проценти на продажната цена во трговија на мало. Мерката се однесува на: леб, шеќер, сол, брашно – тип 400, сурово сончогледово масло и сончогледово масло за јадење, трајно млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти, свежо месо и сувомеснати производи, сирење и урда, ориз, јајца, тестенини, пченица и овошје и зеленчук. Со оваа одлука се контролира растот на цените на основните прехранбени производи да нема значајно влијание врз потрошувачката на граѓаните со оглед на тоа што од 1 март престанува да важи претходната валдина одлука за највисоки (замрзнати) цени на основните прехранбени производи.
– Со оглед на информациите и анализите на терен дека трошоците на производителите на основни прехранбени производи растат, оваа одлука има за цел да се ограничат трговците да прават профит на грбот на граѓаните и на производителите. Со оваа одлука се контролира растот на цените на основните прехранбени производи да нема значајно влијание врз потрошувачката на граѓаните со оглед на тоа што од 1 март престанува да важи одлуката за највисоки (замрзнати) цени на основните прехранбени производи, рече министерот Бектеши на прес-конференција на која ја објави владината одлука.
Тој најави дека во наредниот период Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) ќе излезе на терен со засилени контроли кај трговците, а граѓаните кои ќе утврдат драстично зголемени цени на основните прехранбени производи да пријават на бесплатниот телефонски број на ДПИ 191.