Актуелниот ракометен шампион на Македонија, Вардар е поблиску до одбрана на титулата во Суперлигата откако славеше во првото големо дерби сезонава против Еурофарм Пелистер со 31-24.

Големото значење на натпреварот кој одлучува за титулата си го направи своето па и двата тима го отворија мечот како во грч. По пет минути видовме повеќе промашувања од погодоци, а резултатот на семафорот изнесуваше 1-1.

Силните одбрани и големиот број на грешки во нападот продолжија и во следниот период. Атанасијевиќ беше единствен расположен кај гостите, додека кај домаќините тоа беше Моралес кои постигнаа по два гола, а и по 12 минути резултатот беше нерешен 3-3. Првиот прекин во дербито се случи во 12. минута кога голманот на „пелистерци“ Урбан Лесјак беше погоден со паричка од трибините.

Ниту еден тим не успеа да се одвои ниту во следниот период, па по 16. минути игра од првото полувреме резултатот се уште беше нерешен 6-6. Со самото доаѓање на Чкембарите во 17. минута во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје стигнаа и првите инциденти во вечното дерби. Навивачите на битолскиот клуб по самото влегување почнаа да фрлаат факели кон публиката, по што беа испровоцирани Комитите кои упаднаа на теренот и возвратија со фрлање на предмети кон битолските навивачи. По паузата требаше пет минути за да го видиме првиот погодок откако Кисум во 21. минута донесе ново водство за гостите (7-6), по што Владо Недановски го побара првиот тајм-аут. Првпат еден тим до два гола предност стигна во 29. минута кога со голот на Дејан Манасков, Вардар поведе со 12-10. До крајот Вардар постигна уште еден гол и на полувреме замина со предност од 13-10.

Второто полувреме почна со два брзи гола за Вардар по кои стигнаа и до највисоки плус пет (15-10). Новото засилување на клубот Дутра донесе вистинска свежина за домашниот тим па брзо „вардарци“ стигнаа до плус седум во 35. минута (18-11). Првиот инцидент на теренот се случи во 40. минута откако во клинч влегоа тренерот на Вардар Владо Недановски и крилото на Пелистер, Гоце Ојлески. Судиите на мечот им дадоа по две минути на двајцата. Оваа ситуација како подобро да му одговараше на Еурофарм Пелистер кој во 44. минута успеа да стигне до минус четири (22-18). Во следниот период разликата варираше од четири до шест гола, а со погодокот на Георгиевски во 51. минута Вардар дојде повторно до плус шест 27-21.

До крајот избраниците на Владо Недановски го исконтролираа мечот за конечни 31-24. Талески и Манасков со по седум гола беа најефикасни кај победникот, додека кај поразените Пешевски постигна пет гола.