Бура негативни реакции во јавноста откако Владата вчера го објави францускиот предлог за деблокирање на евроинтеграциите на земјава. Според власта овој предлог е солидна основа за градење став и во него се инкорпорирани сите наши барања и забелешки. Спротивно на тоа, опозицијата смета дека предлогот ги содржи сите бугарски барања и се приклучи на иницијативата за протест кој ќе се одржи вечер во 19 часот на платото пред Владата.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера од партиското седиште повика на сенароден протест кој ќе се случи денес во 19 часот на платото пред Владата, за, како што рече, да се одбрани тоа што се нарекува европска вредност и да се спаси процесот на преговори со Европската Унија.
– ВМРО-ДПМНЕ ќе се приклучи на иницијативата за протести. Повикувам на сенароден протест. Го повикувам цел народ од цела Македонија, но и однадвор, да се приклучи и да застане до нас и да го одбраниме она што се вика европска вредност и да го спасиме процесот на преговори, рече Мицкоски.
Коментирајќи го модификуваниот француски предлог, Мицкоски рече дека според предлогот, земјава нема да го отвори првиот кластер „фундаменталс“ се додека не се случат уставните измени на кои се повикуваат заклучоците од Европскиот совет.
– Нема да имаме почеток и отворање на кластерот се додека не се случат уставните измени. На страна 8, пак, од предлогот, е избришан делот каде во првиот дел стоеше делот за јазикот, ама јасно стои дека Македонија не може да го почне процесот на преговори се додека не биде поптишан протоколот од втората средба на заедничката меѓувладина комисија која е основана врз основа на чл. 12 од Договорот за добрососедство што го има нашата Влада потпишано со нашиот источни сосед. Тоа е оној протокол во кој се содржани историјата ,културата, се што треба да се направи како измена во нашите учебници, појасни Мицкоски.
Сето она што го вели Ковачевски, додава тој, „не е визија, не е стратегија, ниту битка за идните генерација, туку срам, пораз и капитулација што идните генерации ќе ја имаат како грутка во својата душа“.
– Ваков ултимат за Македонија – не благодарам. Сега е моментот кога треба да се биде гласен, јасен, да се заземе вистинска страна. Странаната на Македонија и страната на народот. Оваа Влада прави огромна штета, бидејќи одобрување на ваква рамка значи или во ЕУ асимилирани и бугаризирани или секогаш да останеме надвор од ЕУ. Јас ултиматуми по цена на достоинство на народот не прифаќам и никогаш нема да се согласам на тоа, рече Мицкоски.
Со жалење морам да констатирам, истакна тој, дека овој предлог ги содржи сите бугарски барања и во делот на историјата, и во делот на јазикот и во делот на идентитетот.
Политичката партија Левица бара категорично отфрлање на предлогот и итен прекин на преговорите со Бугарија веднаш. И оттаму го повикаа македонскиот народ да се приклучи на сенародниот отпор.
– Францускиот предлог, којшто Владата првично го одби, за сега да биде прифатлив, ги содржи сите негаторски бугарски барања. Бугарија преку ЕУ наметнува ултиматум за ништење на македонскиот идентитет, посочија вчера од партијата.
Владата вчера почна широки консултации за францускиот предлог најпрво со коалициските партнери. Веднаш по средбата со лидерите на партиите од владината коалиција, Францускиот предлог беше објавен и на веб-сајтот на Владата. Покрај средбата со коалицијата, Владата одржа консултации и разговори со експертската и стручната јавност, како и медиумите.
Премиерот Димитар Ковачевски нагласи дека пред нас имаме европски предлог за деблокада на нашите евроинтеграции и, како што порача, од нас зависи каква одлука ќе донесеме за иднината на нашите деца и за европеизација на државата.
Според него, новиот модификуван предлог сега веќе не е само француски, туку е и европски предлог, во кој се вклучени сите наши барања и забелешки што беа изложени на претходната верзија на предложениот текст.
– Сега имаме предлог што ги вклучува сите наши барања, додаде премиерот, најавувајќи дека Владата пред да го даде конечниот одговор дали ќе го прифати предлогот, ќе спроведе консултации со сите институции во државата, претседателот на Републиката, Собранието, политичките партии, невладиниот сектор и стручната јавност, рече Ковачевски.