До расправата за состојбите во Охридскиот регион како заштитено природно и културно наследство од исклучителна универзална вредност, според предвидениот дневен ред од работата на Комитетот има уште пет точки, така што веројатно одлуката по нацрт-извештајот и идниот статус на заштитеното културно и природно наследство ќе биде познат во текот на денот.
Што се однесува на нацрт-верзијата на самата одлука, во неа се нотираат слабостите за односот на државата, институциите, властите на национално и локално ниво кон Охридското Езеро и градот Охрид како природно односно културно наследство прогласени за светско богатство и несоодветниот одговор на државата и институциите по забелешките нотирани од Светската организација, со конкретен предлог регионот да биде впишан на Листата на УНЕСКО со светски богатства во опасност.
Претходно, 34 организации и граѓански здруженија од Македонија и Албанија испратија писмо до Комитетот за светско наследство во кое се бара од УНЕСКО Охридскиот регион да биде впишан на Листата на светски наследства во опасност.
Епилогот од денешната расправа е извесен, голема е веројатноста Охрид и езерото да бидат поместени на листата светски вредности во опасност. Тоа не значи нивно бришење од листата на заштитени природни и културни вредности на УНЕСКО, туку очекувана разврска на она на што беше укажувано години наназад од страна на експертите и критичката јавност, како несоодветно однесување кон брендот признаен од светот. Дел од експертите се уште се на став дека можеби тоа е вистинскиот начин што ќе отвори повеќе можности државата, институциите, градот да добијат помош, искуства и механизми на Светската организација во наредните активности за надминување на проблемите што впрочем и доведоа до сегашната состојба.