Царинската управа со експертиза од Царинската управа на Република Хрватска, интензивно работи на усогласување на националното законодавство со легислативата на ЕУ и модернизација на информатичко комуникациските системи и нивно усогласување со системите што се користат во ЕУ, сè со цел забрзување на интеграцијата во ЕУ. Со присуство на директорот Бобан Николовски и директорот на Царинската управа на Република Хрватска, Марио Демировиќ и претставник од Делегацијата на ЕУ, беше одржан првиот Управувачки комитет на Твининг лајт-проектот на ЕУ за изработка на Уредбата за спроведување на Царинскиот закон, усогласена со Царинскиот законик на Унијата, на кој беше истакнат добриот напредок на проектот.
На комитетот беше констатирано дека високата посветеност во процесите е доказ за заложбите на Царинската управа во спроведување на реформските процеси за забрзана интеграција во Европската унија.
„Овој проект е значаен дел од реформските активности на Царинската управа и нашите подготовки за идното членство во Европската Унија. Нашата цел е да воспоставиме современа, функционална и применлива законска рамка, која ќе овозможи ефикасни царински постапки, правна сигурност и усогласено постапување со европските стандарди. Сакам да истакнам дека двете компоненти од овој проект – усогласување на законодавството и модернизација на царинските информатички системи мора да се развиваат паралелно, затоа што новите законски решенија треба да бидат поддржани со соодветни ИКТ системи, а нивниот развој да произлегува од реалните законски и оперативни потреби на Царинската управа“, истакна Николовски.
Преку усогласување на легислативата ќе се овозможи побрз проток на стоки и намалување на административните трошоци, обезбедување правна сигурност, предвидливост и еднакви правила по европски стандарди, како и целосно дигитално царинско работење и усогласеност со системите што се користат во ЕУ.
„Министерство за финансии, Царинска управа на Република Хрватска, во областа на меѓународната институционална царинска соработка, стави приоритет на административната и техничка помош за Царинската управа на Македонија и како твининг партнер во овој проект ги стави на располагање своите најдобри експерти за пренос на знаење, како во имплементација на царинското законодавство на ЕУ во националниот систем на царински прописи на Македонија, така и во подготовката и имплементацијата на техничката изградба и приспособувањето на царинските ИТ системи што го поддржуваат спроведувањето на законодавството. Партнерството меѓу двете царински администрации претставува потврда и реализација на стратешката определба на Владата на Република Хрватска, која е официјализирана и со меѓувладиниот договор потпишан во мај годинава во Охрид. Во таа насока, нашата поддршка останува трајна и континуирана“, вели Демировиќ.
