Адвокатот на семејството на загинатата Фросина Кулакова, Дарко Ал Блана, по денешното рочиште во Основниот кривичен суд во Скопје изјави дека признанието на обвинетиот Васил Јованов за сообраќајката во која загина 22-годишната Фросина е голо признание со намера да се ублажи казната. Семејството и адвокатот бараат максимална казна за да се обезбеди правда и да се спречат идни трагедии.

Голо признание на Јованов и барање за максимална казна

„Сите сме свесни дека обвинетиот Васил Јованов даде едно голо признание со намера да ја ублажат казната“, изјави Ал Блана пред медиумите по рочиштето. Тој нагласи дека околностите на сообраќајката од јануари на булеварот „Партизански одреди“ се јасни.

„Сите знаеме на кој начин се случи настанот во кој загина младата Фросина и од таа причина ние побаравме да се изрече највисоката предвидена санкција која законодавецот не случајно ја предвидел во Законот“, додаде адвокатот.

Ал Блана истакна:

„Доколку се изрече највисоката предвидена санкција тоа ќе биде единствената правда, задоволителна правда, за младиот изгубен живот на Фросина Кулакова, и исто така би било превенција за во иднина да не бидеме веќе сведоци на вакви немили настани и злодела.“

Емоционален повик на мајката на Фросина

Мајката на Фросина, Камелија Кулакова, изрази надеж за праведна пресуда.

„Јас само се надевам после ова долго рочиште дека судот ќе покаже дека правдата има душа, дека законите имаат душа и правдата има лице, и дека животот на Фросинче нема да заврши во празнина. Се надевам дека ќе се изрече највисока казна“, изјави таа.

Нејзините зборови ја нагласија тежината на загубата и недоверба во искреноста на голото признание на Јованов.

Огорченост на таткото кон правниот систем

Таткото, Тодор Кулаков, изрази длабоко незадоволство од правниот систем.

„Дури иако ти убијат дете, родителите во она што значи главен случај според ваквиот закон, воопшто не се дел од предметот и немаат право да учествуваат, ниту пак право на контрола, на било што, дури ниту на увид и зависат само од добрата волја на институциите. Да, јас јавно ќе се заблагодарам за сите коишто се дел од институциите и на нивната добра волја вклучително и добрата волја на судиите“, рече тој.

Кулаков праша:

„Кого го штити овој закон, жртвите и оштетените или обвинетите и виновниците?Затоа е и оваа реакција дотолку поголема, бидејќи судот е место на правдата, а не да не убедуваат дека е голема разликата меѓу право и правда. Особено, ако ти убиле дете, а не смееш ништо и ниту можеш според закон да сториш и преземеш. Ти не си дел од ова, ти си нем посматрач, никој и ништо. Само дете ти убиле.“

Критики кон судијката Алексовска и Судскиот совет

Кулаков ја обвини судијката Даниела Алексовска за одговорност во трагедијата.

„Ако судијката Даниела Алексовска го судеше Васил за трговија со дрога, тој ќе беше во затвор, а денеска Фросина ќе беше жива. Наместо Судскиот совет да ја обвини за директно одговорна особено што се служи со судски преседан и непознати за судска пракса работи само со цел да го пушти Васил на слобода, така тета судијка Даниела го овозможи убиството на Васил, оставајќи го на слобода, а уште посрамно е што Судскиот совет во најсрамен и недостоен манир ја бранат судијката Даниела, длабоко понижувајќи ја токму институцијата Судски совет, служејќи се со најдолни финти, држејќи се за формула ‘пази ја формата, целосно занемари ја содржината’. Токму затоа и во целост го поддржуваме и премиерот Христијан Мицковски. Во целост кога кажа, ќе излезам и ќе протестирам пред Судски совет. Да, ние со него рамо до рамо ќе излеземе и ќе протестираме за судијката Даниела Алексовска повеќе да не биде судија, бидејќи она го овозможува убиството на Васил“, изјави Кулаков.

Тој го критикуваше Судскиот совет за одбрана на судијката, наместо за заштита на правдата, истакнувајќи дека голото признание не ја намалува одговорноста на Јованов.

Пресудата се очекува на 13-ти овој месец.

Извор: Курир