Во нападот се повредени шест деца кои се на возраст од околу три години. Според последните информации, две деца и еден возрасен од повредените се во критична состојба

Најмалку осум лица, вклучително и шест деца кои се на возраст од околу три години, се избодени со нож во напад во парк во близина на Анеси, алпски град во Југоисточна Франција.

Според последните информации кои ги пренесува Би-би-си, две деца и еден возрасен од повредените се во критична состојба.

Настанот се случил утрово околу 09:45 часот.

Според информации од странските новински агенции, напаѓачот е по потекло од Сирија, има 32 години и не ѝ е познат на полицијата.

Француските медиуми пренесуваат дека на терен се многу спасувачи, полиција и војска, за згрижување на жртвите и обезбедување на просторот.

„Напаѓачот е уапсен благодарение на многу брзата интервенција на полицијата“,

изјави министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин.

Француската премиерка Елизабет Борн е на пат кон местото на настанот.

„Уште еднаш, нашите деца се цел на зголемено насилство во нашето општество. Ѝ благодарам на полицијата која го уапси напаѓачот. Овој чин не може да помине неказнето“,

напиша на Твитер Шарлот Каубел, државен секретар за деца.

Националното собрание на Франција одржа едноминутно молчење, а патиштата околу местото на нападот се блокирани.

Паркот во кој се случил нападот се наоѓа на брегот на езерото Анеси, и на неколку десетици метри од градското собрание. Во него има неколку игралишта и училиште.