Унгарија нема да прифати предлог за следниот седумгодишен буџет на Европската Унија доколку тој предвидува зголемување на нејзините финансиски придонеси и намалување на средствата што ги добива, соопшти унгарскиот премиер Петер Маѓар за време на неговиот престој во Брисел.

Во официјална видеопорака објавена на платформата Фејсбук од маргините на самитот на лидерите на земјите членки на Унијата, Маѓар оцени дека главниот и најважен дел од преговорите допрва следи, дефинирајќи го процесот како претстојно вистинско пазарење за новата седумгодишна финансиска рамка на европскиот блок.

Тој прецизираше дека официјална Будимпешта веќе јасно ги дефинирала своите црвени линии и ставила до знаење дека не може да поддржи буџетско решение со кое дополнително би се зголемиле националните финансиски обврски. Спротивно на тоа, Унгарија инсистира на долгорочен буџет каде традиционалните европски политики, како кохезијата и Заедничката земјоделска политика, ќе продолжат да се финансираат со средства приближни на нивоата од претходните години.

„Унгарија, заедно со неколку други земји членки, исто така јасно стави до знаење дека не може да прифати предлог што на кој било начин го поврзува финансирањето на Украина со следниот седумгодишен буџет на ЕУ“, истакна Маѓар.

Унгарскиот премиер информираше дека во рамките на дипломатските активности остварил средби и консултации со претставниците на групата составена од 17 држави членки позната под називот „Пријатели на кохезијата“. Дополнително, Будимпешта има воспоставено континуирана координација и со партнерите од Вишеградската група со цел заедничко окрупнување и зајакнување на преговарачките позиции во Брисел.

„Заедно, обединети, ги браниме кохезионата политика и интересите на Централна Европа. Интересите на Унгарија, на унгарскиот народ и на унгарските бизниси се на прво место“, порача Маѓар.

На официјалниот дневен ред на состанокот на Европскиот совет се наоѓа токму новата седумгодишна финансиска рамка на Европската Унија за периодот по 2027 година. Покрај преговорите за заедничкиот буџет, европските лидери дебатираат и за конкретните механизми за обезбедување на финансиска поддршка за Украина во текот на 2027 година.