ВМРО-ДПМНЕ денеска упати обвинувања кон претседателот на Синдикатот УПОЗ, Трпе Деаноски, тврдејќи дека организирал четиридневни спортски игри во луксузен туристички комплекс во Чањ, Црна Гора, за што биле потрошени околу 60.000 евра.
Од партијата велат дека патувањето било финансирано од членарините што членовите на УПОЗ редовно ги плаќаат од своите плати.
„Трпе Деаноски, кој го предводи синдикатот УПОЗ организираше четиридневни спортски игри во луксузен туристички комплекс во Чањ, Црна Гора. Ова патување чинело околу 60.000 евра“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштението се додава дека Деаноски во јавноста често зборува за борба за работничките права и за повисоки плати.
„Како точно Деаноски се бори за работниците кога троши 60.000 евра во туристички комплекс за 4 дена во Црна Гора?“, прашуваат од партијата.
ВМРО-ДПМНЕ бара одговори за трошењето на членарините
Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат дали членовите на УПОЗ биле информирани дека нивните членарини се користат за, како што наведуваат, „луксузирање“ во Црна Гора.
„Дали членовите на УПОЗ се запознаени со тоа дека Деаноски ги троши нивните чланарини за луксузирање во Црна Гора?“, стои во реакцијата.
Партијата оценува дека, доколку веќе се организирале спортски игри, тие можеле да се одржат во Македонија, со што средствата би останале во домашниот туризам.
„Деаноски, доколку веќе одржува спортски игри, можел да одлучи да го спроведе тоа некаде во земјава и средствата да останат во домашниот туризам“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Синдикален елитизам“, обвинува партијата
Во продолжение од соопштението, ВМРО-ДПМНЕ прави споредба меѓу Деаноски и претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
„Но, исто како Слободан Трендафилов, и Трпе Деаноски живее во филмот на синдикален елитизам и се луксузира“, велат од партијата.
На крајот, ВМРО-ДПМНЕ побара Деаноски јавно да одговори колку средства биле потрошени за патувањето и зошто, како што наведуваат, немало целосна транспарентност.
„Трпе Деаноски да одговори колку минимални плати потроши за четири дена луксузирајќи се во Чањ и зошто не беше целосно транспаретен за оваа екскурзија“, се наведува во соопштението.
